• вторник, 24 декември 2024

Османи: Да се поттикне комуникацијата со руското општество

Османи: Да се поттикне комуникацијата со руското општество
Скопје, 7 март 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи на вонредниот министерски состанок на НАТО кој се одржа на 4 март поттикнал иницијатива за обид за комуникација со рускиот народ и нивно повикување да се здружат во осуда и спречување на воената агресија во Украина. Таа иницијатива, како што информира Османи на денешниот брифинг, е споделена преку нон-пејпер од страна на МНР до останатите држави во рамки на ОБСЕ, НАТО и ЕУ. - Додека светот го изолира режимот политички и економски со сите свои средства, нашиот став е дека треба да се охрабрат општествата да комуницираат со руското општество и да ги повикуваат и тие да бидат дел од разумното размислување на целиот свет кој најдобро се одрази на самото гласање во генералното собрание на ОН, а тоа е да ги охрабриме универзитетите да комуницираат со универзитетите во Русија, да ги охрабриме здруженијата на лекари со оние во Русија, новинарите со новинарите, невладините организации со невладините, сите општествени сектори, бидејќи очигледно таму се води пропаганда за изолирање на општеството од тоа што се случува во Украина, нагласи Османи. Нашиот став, подвлече министерот, е дека треба да се охрабри таа комуникација не само кај нас, туку во сите држави во светот, бидејќи, како што рече, граѓаните ќе бидат жртва на економските санкции и изолацијата која светот ја прави кон Русија. - Многу е важно да се мобилизира целиот свет против оваа нелегална и непровоцирана инвазија која веќе во својата реторика употребува нуклеарна закана, односно закана за употреба на нуклеарно оружје, со што го подигнува степенот на закани што апсолутно не можеше да се смисли претходно пред да се случи оваа воена инвазија, рече Османи. Тој информира дека оваа недела покренал и иницијатива за состанок со министрите за надворешни работи на земјите на Западен Балкан во Скопје. - Испратив писмо до моите колеги министри за надворешни работи на земјите на Западен Балкан со цел да бидат поканети на состанок во Скопје за да разговараме за вулнерабилноста на Западен Балкан визави оваа воена инвазија во Украина, предизвиците со кои може да се соочи регионот, можноста за бран на бегалци, подобра координација меѓу земјите, можност да комуницираме во реално време во случај на каков било предизвик кој може да се случи во регионот. Се надевам дека шесте земји ќе можеме да го органзиираме овој состанок што побрзо во Скопје, рече Османи додавајќи дека веќе имаме позитивен одговор од Црна Гора. мс/вг/

Остани поврзан