• среда, 25 декември 2024

Општина Штип доби 30 нови контејнери за стакло

Општина Штип доби 30 нови контејнери за стакло
Штип, 11 февруари 2021 (МИА) - Во општина Штип денеска беа поставени 30 нови контејнери за одложување на стакло, како дел од регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“. Општина Штип е втора македонска општина која е дел од овој проект, што има за цел да ја зајакне отпадната инфраструктура и на тој начин да делува кон подигање на свеста за рециклирањето на стаклото како амбалажен материјал. Заедно со општина Илинден, како дел од овој проект досега се поставени околу 90 контејнери. Регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“, во нашата земја се реализира со поддршка на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Пакомак и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а истовремено тој се спроведува уште во две балкански држави: Србија и Босна и Херцеговина. Главната цел на проектот е преку соработка и воспоставување синџир на вредности за селективно одложување и рециклажа на отпад од стакло да дејствува кон едуцирање на граѓаните за важноста за селектирање на стаклото, зголемување за 20 проценти на собраните количини на стакло споредено со 2020 година, спроведување обука за јавните комунални претпријатија, како и развивање три нови бизнис модели со кои ќе се поттикнат општините да го најдат најефикасниот модел на собирање стакло и негово рециклирање. Примопредавањето на 30-те контејнери се одржа во присуство на градоначалникот на Штип, Сашко Николов, кој ги потенцираше долготрајните придобивки што неговата општина ќе ги има од проектот. -Зголемениот број контејнери за стакло ќе им помогне на жителите на Штип полесно да го одложат нивниот стаклен отпад, а истовремено се надеваме дека ќе придонесе и за зголемување на интересот за учество во рециклажниот процес. Од другата страна, општината добива можност полесно да го контролира собирањето на стакло на краток рок, а потоа и да го употреби стекнатото знаење за да изготви ефикасна стратегија на собирање. Сега веќе е реалистично дека со заеднички труд, набрзо ќе успееме да ги елиминираме дивите депонии каде стаклото се исфрла како отпад, наместо да се рециклира и да се реупотреби како суровина, изјави градоначалникот Сашко Николов. Преку активната едукација, денес стаклото се смета за еден од главните рециклажни материјали, што може да се употребува повеќе пати поради неговите уникатни карактеристики. Притоа, рециклирањето е преферираното решение за веќе употребеното стакло, поради тоа што со овој процес се заштедуваат 40 отсто од ресурсите потребни да се создаде ново стакло. ки/скс/  

Остани поврзан