Општина Центар доделува субвенции за полагање возачки испит
- Субвенцијата изнесува 10.000 денари и може да се користи единствено за полагање возачки испит во автошколи регистрирани во општина Центар.

Скопје, 26 февруари 2025 (МИА) - Општина Центар доделува субвенции за полагање возачки испит. Право на субвенција имаат сите млади лица, кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно родени се во 2007 година, а живеат на подрачјето на општина Центар најмалку една година, информираат утрово од локалната самоуправа.
Субвенцијата изнесува 10.000 денари и може да се користи единствено за полагање возачки испит во автошколи регистрирани во општина Центар.
Во писмената изјава на градоначалникот Горан Герасимовски се истакнува дека возењето автомобил без возачка дозвола е опасно за сите.
- Младите лица мора да имаат положено возачки испит, доколку сакаат да бидат учесници во сообраќајот. Вчера распишавме јавен повик за доделување субвенции на младите жители на Центар за полагање возачки испит Б-категорија во автошколи регистрирани на подрачјето на нашата општина. Со овој чекор, преку субвенција од 10.000 денари, ги поттикнуваме младите да учат од професионални возачи, законски да можат да управуваат возило, наместо да возат без возачки дозволи, што е недозволиво. Безбедноста на младите во сообраќајот е приоритет, нагласува градоначалникот.
Герасимовски потенцира дека возењето возило со возачка дозвола е клучно за безбедноста во сообраќајот. За да се биде одговорен учесник во сообраќајот, додава тој, неопходно е да се помине обука и да се има возачка дозвола.
За повеќе детали, заинтересираните може да се информираат на веб-страницата на локалната самоуправа. бд/са/
Фото: Општина Центар