• четврток, 19 март 2026

Општина Центар: Бесплатни стоматолошки прегледи за децата и пензионерите по повод Светскиот ден на оралното здравје

Општина Центар: Бесплатни стоматолошки прегледи за децата и пензионерите по повод Светскиот ден на оралното здравје

Скопје, 19 март 2026 (МИА) - По повод 20 март – Светскиот ден на оралното здравје, Општина Центар континуирано реализира бесплатни стоматолошки прегледи за деца од предучилишна и училишна возраст, како и за пензионерите, како дел од посветеноста на превенцијата и унапредувањето на оралното здравје, информираат од локалната самоуправа.

Во таа насока, како што велат, беше одржан работен состанок со Проф. д-р Соња Апостолска, декан на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на кој беше потпишан Меморандум за соработка со што се зајакнува партнерството и се отвораат можности за реализација на нови заеднички проекти. На средбата присуствуваа и Проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска, раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија, како и Проф. д-р Гордана Апостолска.

Од Општина Центар нагласуваат дека грижата за оралното здравје започнува од најрана возраст и претставува важен сегмент од целокупното здравје на граѓаните и додаваат дека во рамки на Програмата за образование се спроведува проектот „Дејствувај за подобро орално здравје“, преку кој учениците од прво одделение од сите основни училишта во Центар се едуцираат за правилно четкање на забите и одржување на оралната хигиена.

-Во рамки на Програмата за социјална и здравствена заштита и заштита на деца се реализира проектот „Унапредување на оралното здравје кај деца од предучилишна и училишна возраст, граѓани од социјално загрозени семејства и корисници на пензија“, преку кој се обезбедуваат бесплатни стоматолошки прегледи и грижа за најранливите категории граѓани, посочуваат од општината и нагласуваат дека остануваат посветени на унапредување на здравјето на граѓаните преку континуирани активности, едукација и силни партнерства со релевантни институции.вј/са/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан