Општина Росоман одбележа 29 години од своето постоење
Росоман, 17 декември 2025 (МИА) - Општина Росоман денеска одбележа 29 години од своето постоење.
Градоначалникот Ѓорѓи Крстевски на неговата Фејсбук страница напиша дека тоа биле години исполнети со предизвици, напредок, труд и верба во подобра иднина.
- Ова е ден кога со гордост се навраќаме на патот што го изоде нашата општина, но и ден кога со одговорност гледаме напред. Општина Росоман е изградена од вредни луѓе, од земјоделци, работници, млади, пензионери, од семејства кои со години вложуваат труд и љубов за својот дом, истакна градоначалникот.
Традицијата, земјата, спортот, културата и заедништвото, подвлече Крстевски, се темелите врз што расте општината.

-Во изминатиот период покажавме дека може поинаку - со повеќе работа на терен, со поголема грижа за јавниот простор, со подобрување на инфраструктурата, безбедноста и условите за живеење, додаде градоначалникот.
Чекор по чекор, како што посочи, општина Росоман се уредува, се модернизира и се движи напред.
Според градоначалникот, не станува збор само за прослава на минатото, туку и обврска за иднината.
-Обврска да продолжиме со уште повеќе ред, развој, одговорност и почит кон јавниот интерес. Обврска да создадеме општина во која младите ќе гледаат перспектива, а постарите сигурност и достоинство, додаде Крстевски.
Тој им се заблагодари на сите кои во изминатите 29 години дале придонес за развојот на општина Росоман - до граѓаните, институциите, вработените, здруженијата, спортските клубови - сите кои со својата работа оставиле трага.
-Општина Росоман има потенцијал, има луѓе и има иднина. Продолжуваме посветено, чесно и одговорно, за уште поубава, поуредна и поразвиена општина Росоман, нагласи градоначалникот. свд/мд/
Фото: Фејсбук страница на градоначалникот Ѓорѓи Крстевски