Општина Куманово по втор пат објави оглас за избор на компанија за изградба на кружен тек
- Општина Куманово по втор пат објави јавен оглас за избор на компанија за изградба на кружен тек на крстосница помеѓу булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета Македонска Ударна Бригада“.
Куманово, 27 април 2021 (МИА) - Општина Куманово по втор пат објави јавен оглас за избор на компанија за изградба на кружен тек на крстосница помеѓу булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета Македонска Ударна Бригада“.
Од оделението за јавни набавки соопштуваат дека проценетата вредност за изведување на градежните активности е 30.508.400 денари. Според објавата, економските оператори треба да достават дозвола за изведување на градежни активности издадена од Министерството за транспорт и врски, да имаат соодветна механизација, да располагаат со стручен и квалификуван кадар.
- Најниската цена е пресудна за избор на компанијата, стои во објавата.
Отворањето на понудите е на 11 мај оваа година во просториите на општината.
Изградбата на два кружни текови во Куманово е предвидена во развојната програма која ја изгласа Советот на една од седниците кон крајот на мината година. Покрај изградба на кружните текови, предвидено е и проширување на сообраќајните ленти, тротоарите.
Претходно, во Куманово, во 2019 година прв пат беше изграден кружен тек на влезот од градот помеѓу булеварот „Трета МУБ“ и улицата „11 Октомври“ за што од општинскиот буџет беа одвоени 19,7 милиони денари. ам/ар/