• недела, 21 декември 2025

Општина Илинден го промовира локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП) 2025–2030

Општина Илинден го промовира локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП) 2025–2030

Скопје, 19 јуни 2025 (МИА) - Советот на Општина Илинден официјално го усвоил локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП) за периодот од 2025 до 2030 година, што е стратешки документ кој претставува основа за унапредување и заштита на животната средина на локално ниво.

Од Општина Илинден денеска соопштија дека ЛЕАП е сеопфатен стратешки план кој ги дефинира приоритетите и мерките за заштита и унапредување на состојбата со животната средина преку краткорочни, среднорочни и долгорочни активности со јасно утврдена временска и финансиска рамка.

Документот е структуриран по тематски области кои го опфаќаат квалитетот на воздухот, управувањето со води, урбаниот развој и користењето на земјиште, управувањето со отпад, бучава, биолошката разновидност и урбаното зеленило. Исто така, посебно внимание се посветува на подигнувањето на јавната свест, еколошкото управување и вклучувањето на јавноста во процесите на донесување одлуки.

Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, истакнал дека од особена важност е што ЛЕАП содржи прецизно дефинирани проекти и активности, чија имплементација ќе придонесе за подобрување на животната средина и квалитетот на живот на сите жители на општина Илинден. Тој потенцирал дека овој документ ќе послужи како основа за подготовка на апликации за обезбедување финансиска поддршка од различни институции и фондови, со цел имплементација и реализација на предвидените еколошки проекти. цр/вј/

Фото: Општина Илинден

Остани поврзан