Општина Градско ќе добие енергетски ефикасно јавно осветлување со ЛЕД светилки
- Старите улични натриумови светилки во Општина Градско ќе бидат заменети со висококвалитетни, модерни и енергетско ефикасни ЛЕД светилки. Ова го овозможи договорот за проект за модернизација и
Велес, 18 септември 2021 (МИА) - Старите улични натриумови светилки во Општина Градско ќе бидат заменети со висококвалитетни, модерни и енергетско ефикасни ЛЕД светилки. Ова го овозможи договорот за проект за модернизација и енергетска ефикасност на јавното осветлување кој општината го потпиша со компанијата Елмонд Електро ДОО експорт - импорт Скопје.
Како што информираше градоначалникот, Роберт Бешовски, реализацијата на проектот започнува наредната недела, и со истиот, Општина Градско ќе обезбеди значително намалени трошоци за електрична енергија и сервисирање на долг рок. Овој проект го поддржа Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а ќе се изведува по ЕСКО модел на јавно - приватно партнерство.
- Со ова, општина Градско ги следи позитивните примери од ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните, така и за економијата воопшто, потенцира Бешовски.- Ова е уште еден показател на сериозниот пристап на општината за искористување на сите можности за унапредување на животот на територијата на целата општината. Користејќи ги сите можни извори на финансирање, сите отворени конкурси на ЕУ и ЕБОР, и овој пат успеавме странскиот инвеститор во нас да препознае партнер од доверба, потенцира градоначалникот Бешовски. ад/ар/