• понеделник, 16 декември 2024

ОН: Хезболах лансираше ракета кон Израел од позиција во близина на мисијата на ОН во Либан

ОН: Хезболах лансираше ракета кон Израел од позиција во близина на мисијата на ОН во Либан

Њујорк, 27 август 2024 (МИА) - Една од ракетите што ја лансираше либанската милитантна група Хезболах кон северен Израел во неделата беше испукана од близина на позиција во градот Ханије, која ја управуваат меѓународните мировни сили на ОН во Либан, изјави портпаролката на мировните сили на ОН во Либан (УНИФИЛ), Кендис Ардиел, предупредувајќи дека ваквите напади го загрозуваат персоналот на Светската организација.

Ханије се наоѓа во јужниот дел на Либан, околу 10 километри од границата со Израел. Ардиел изјави дека подоцна во неделата се случила уште една експлозија во близина на позицијата на УНИФИЛ во Маис ал Џабал, на либанско-израелската граница, но дека во нападот немало повредени и штета.

Ардиел истакна дека нападите преку Сината линија, која претставува разграничување меѓу Либан и Израел, каде делови од меѓународната граница се спорни, претставуваат прекршување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН.

Портпаролот на израелската армија вчера изјави дека е откриено дека Хезболах лансирал ракети на 150 метри од позицијата на мисијата на ОН во градот Ханије.

Хезболах во неделата истрела ракети и лансира беспилотни летала на израелските воени локации, а израелските авиони погодија околу 40 места за лансирање во Либан.ссм/

фото: архива

Остани поврзан