• вторник, 14 април 2026

ОН покрена иницијатива за безбедно поминување на бродови што пренесуваат ѓубриво низ Ормуската Теснина

ОН покрена иницијатива за безбедно поминување на бродови што пренесуваат ѓубриво низ Ормуската Теснина

Њујорк, 13 април 2026 (МИА) -    ОН објавија дека започнале иницијатива за безбеден транзит на ѓубрива низ Ормуската Теснина предупредувајќи дека земјоделците во некои делови од светот веќе ја „прескокнуваат“ сеидбата, со слаби изгледи за жетва.

Иницијативата ја води Канцеларијата на ОН за проектни услуги (UNOPS), која во изминатите две недели во Њујорк организираше состаноци со земјите-членки за развој на механизам за безбеден транзит на комерцијални бродови за ѓубрива низ Ормуската Теснина, изјави директорката за комуникации на UNOPS, Жулиет Тума.
Разговорите ги води извршниот директор на UNOPS, Хорхе Мореира да Силва, и тие сè уште се во тек, додаде Тума.
Според неа, предложениот механизам треба да овозможи непречен и безбеден транзит на комерцијални бродови што пренесуваат ѓубрива и слична стока и да ги ублажи потенцијалните хуманитарни последици во земјите во Азија и Африка кои користат ѓубрива.

Некои земјоделци во Јужна Америка веќе ја „прескокнаа“ втората сеидба на пченка, а оние во Африка сè уште имаат многу малку време да се грижат за жетвата, која би можела да биде значително послаба без ѓубриво, според извор за британски медиуми.

Компаниите сакаат механизам што би ја вратил слободата на пловидба, без поморска придружба и транзитни такси, изјави извор запознаен со разговорите, додавајќи дека иницијативата на крајот би можела да се прошири и на други стоки.

Агенцијата за храна и земјоделство на ОН предупреди дека остриот пад на сообраќајот на танкери, за повеќе од 90 проценти, го загрозува земјоделското производство и снабдувањето со храна. зш/

 

Остани поврзан