• петок, 05 декември 2025

ОН бара да престане американската одмазда кон меѓународните институции

ОН бара да престане американската одмазда кон меѓународните институции

Женева, 21 август 2025 (МИА) – Високиот комесар на Обединети нации за човекови права, Фолкер Турк денеска изјави дека мора да престанат американските мерки на одмазда кон меѓународните институции и нивниот персонал.

Неговата изјава уследи по вчерашните нови санкции на САД против француски и канадски судија, како и против двајца обвинители, во Меѓународниот кривичен суд. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, го обвинува Судот за политизација. САД претходно воведоа санкции за четворица судии и еден обвинител на Меѓународниот кривичен суд.

Турк ги повика и државите да не ги применуваат американските санкции и да ги засилат напорите за одбрана на институциите, создадени за промовирање и заштита на човековите права и владеење на правото.

- Казнувањето на судиите и обвинителите на национално, регионално или меѓународно ниво за исполнување на нивниот мандат во согласност со нормите на меѓународното право е напад врз владеењето на правото и го корумпира судството, наведе Турк.

Тој побара и повлекување на санкциите против сите судии и обвинители на Меѓународниот кривичен суд.

Турк апелира и за укинување на санкциите против специјалниот известувач назначен од Советот за човекови права за ситуацијата на окупираните палестински територии, Франческа Албанезе. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан