• петок, 20 декември 2024

Оксфорд: Европа треба да се подготви за постудена зима, пазарот на гас е ранлив

Оксфорд: Европа треба да се подготви за постудена зима, пазарот на гас е ранлив

Лондон, 15 октомври 2024 (МИА) - Европскиот континент по две години би можел да се соочи со постудена зима, додека пазарот на гас останува ранлив, пренесува Анадолија.

Блага зима 2024/2025 би можела да ја зголеми побарувачката за гас за најмалку осум до 10 милијарди кубни метри, а студена за најмалку 20-25 милијарди кубни метри во однос на минатата година, според Оксфордскиот институт за енергетски студии (OIES).

Најновиот тримесечен преглед на OIES покажува дека неколку денови студено време во септември потсетиле на тоа колку големо влијание може да има температурата врз побарувачката за гас во сите сектори, особено во станбениот и деловниот.

„Во моментот на пишување на овој текст, сѐ уште е рано да се добие цврста временска прогноза за оваа зима, но раните индикации покажуваат голема веројатност дека западна и централна Европа ќе бидат погодени од пониски температури во споредба со минатата година поради феноменот Ла Ниња, иако температурите сепак би можеле да бидат потопли од долгорочниот просек“, се вели во извештајот.

И покрај слабите европски основи, цените се зголемија во третиот квартал од 2024 година поради ограничувањата во снабдувањето и зголемената конкуренција. Европското производство благо опадна, а исто така имаше и прекини на гасоводите од Норвешка, што доведе до повисоки цени на гасот.

Еден од клучните двигатели на сегашниот скок на цените е затегнувањето на глобалниот пазар на LNG. Увозот на ЛНГ од Азија се зголеми во текот на летото, а побарувачката е особено силна од Кина, Индија и Јапонија. И покрај слабата европска побарувачка за гас, цените се зголемија поради ограничената понуда.

„Пазарот останува ранлив додека се приближуваме до зимските месеци, со можност постудена сезона да ја влоши ситуацијата со гасот во Европа“, посочува OIES.

Извештајот предупредува дека Ла Нина може да донесе поладни услови, што ќе ја зголеми побарувачката за греење, особено по две благи зими кои го намалија притисокот врз нивоата на складирање.

Ако температурите драстично се намалат, тоа би можело да предизвика понатамошно зголемување на цените додека Европа се обидува да ги пополни складиштата.

Големото потпирање на Европа од увозот на ЛНГ значи дека таа ќе продолжи да плаќа повисоки цени за понудата, особено бидејќи се натпреварува со растечката побарувачка во Азија. Доколку зимата се покаже потудена од очекуваното, Европа би можела да биде принудена да увезува дополнителен ЛНГ, што уште повеќе ќе ги зголеми цените.

Потребите на Европа за гас достигнаа 550 милијарди кубни метри во 2019 година. Во 2020 година Европа потрошила 534 милијарди кубни метри гас, а една година подоцна 553 милијарди кубни метри гас. Пред две години, односно во 2022 година беа потрошени 496 милијарди кубни метри гас, а во 2023 година 465 милијарди кубни метри гас. ссм/

фото: архива

Остани поврзан