• сабота, 21 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
30 јануари 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 јануари. Денеска е Св. Антониј Велики. Свети Антониј е роден во Среден Египет, во 251 година. На 20-годишна возраст остана без родителите. Мораше да се грижи за останатото богатство и за својата помала сестра. Еден ден во црква ги слушна зборовите: Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го имотот и раздај го на сиромасите и ќе имаш ризница на небото, па дојди и врви по мене, па го раздаде имотот, а со малиот остаток ја згрижи сестра си и го започна подвижничкиот живот. Целиот негов живот стана исполнување на овие зборови. Во текот на многу години ги помина сите скалила на духовниот живот и со својот живот стана пример за сите монаси до денешен ден. Се упокои мирно на свои 105 година, во 356 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Мартина. Живеела во третиот век. Царот Александар сакал да се ожени со неа, но таа го одбила бидејќи сметала дека со тоа ќе го уништи своето верување во Христос. Кога царот дознал дека Мартина е христијанка, се налутил и ја извел пред суд. Тој сакал таа да се одрекне од верувањето во Христос. Кога таа одбила, царот наредил да и ја отсечат главата. Мартина со својата смрт победила, бидејќи ги знаела зборовите на Христос: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе се спаси". Таа во христијанскиот свет се слави како пример на постојаност и храброст во верата. ###

Остани поврзан