• сабота, 23 ноември 2024

Одржан третиот јавниот состанок на АВМУ за 2022 година

Одржан третиот јавниот состанок на АВМУ за 2022 година
Скопје, 30 септември 2022 Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера одржа јавен состанок, на кој директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци. Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со мониторингот на изборното медиумско известување на радиодифузерите за локалните избори за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Совет на Општина Тетово, спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените истражувања, активностите на полето на меѓународната соработка. На состанокот беа презентирани и наодите од Анализата на пазарот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2021 година, во која е опфатено економското работење на јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните телевизии и радија, како и податоците од мерењата на телевизиската и радиска публика. Анализата која ја изработи Агенцијата, покажа дека вкупните приходи во индустријата во 2021 година изнесувале 2,644.83 милиони денари, што е највисок износ на вкупни приходи во последните пет години. Вкупните трошоци во индустријата изнесувале 2,571.19 милиони денари. Комерцијалните радиодифузери во 2021 година прикажале повисоки приходи во споредба со претходната година, за разлика од јавниот радиодифузен сервис кој располагал со помалку средства во споредба со 2020 година. Целата анализа е достапна на веб страната www.avmu.mk. На состанокот се дискутираше и за Нацрт-Упатството за изменување и дополнување на Упатството за определување на рокот за постапување по решенијата на Агенцијата за преземање мерка, кое е на јавна расправа до 3 октомври 2022 година. Измената и дополнувањата на Упатството се однесуваат на скратување на роковите потребни за усогласување со мерките јавна опомена изречени од страна на Агенцијата кон издавачите на печатени медиуми, радиодифузерите и ОЈЕКМ, пред да се изврши контролен надзор, со цел поголема ефикасност и ефективност во спроведувањето на ЗААВМУ и обезбедување баланс помеѓу интересите на јавноста и субјектите што се предмет на надзор.   Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан