• четврток, 06 март 2025

Одново почна судењето за набавката на луксузното „Ауди“ за струшкиот градоначалник Мерко

Одново почна судењето за набавката на луксузното „Ауди“ за струшкиот градоначалник Мерко

Струга, 5 март 2025 (МИА) - Со изведување докази и сослушување сведоци во Основниот суд во Струга денеска повторно почна од почеток судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на автомобил „Ауди А6“ за потребите на Општина Струга. Судењето за  поставеното спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда беше одложена поради здравствени причини на обвинителот кој го застапува предметот.

Расправата за набавката на луксузниот автомобил почна од почеток поради промената на судечкиот судија, кој на претходното рочиште побара време да ги разгледа списите за случајот. Иако одбраната достави приговор за застареност на делото, тоа беше одбиено од страна на претходниот судечки судија, а истото го прифати и новиот судија Јордан Јованов. Според него, решението останува во сила, бидејќи има прекин на застареност.

- Со оглед дека веќе претходно беше донесено решение од колешката, која го водеше предметот дека не се прифаќа приговорот, јас повторно ја донесов истата одлука, бидејќи сметам дека има прекин на рокот на застареност. Од тие причини распрвата ја отворивме и одново ја почнавме со изведување докази, изјави Јованов.

Листата на сведоци, подвлече дека е обемна, но тој како судечки судија ќе одлучи дали ќе ја прифати во целост, нагласувајќи дека нема да толерира непојавување на сведоците без оправдани причини, како што беше случајот со отсуство на двајца на денешното рочиште.

- Тоа што беше дадено не сметам дека се оправдани причини и согласно Законот Судот може доколку смета дека сведокот одбегнува да се појави да искористи механизам за негово доведување во Судот, појасни Јованов.

Според него, засега не постои можност за застарување на делото, односно апсолутна застареност би имало во 2028 година.

На денешното рочиште, на барање на одбраната исказ даде сведокот Наде Бојаџиевска, ревизор во Државниот завод за ревизија, која била дел од тимот што вршел ревизија во 2019 година во Општина Струга. Таа потврди дека останува на она што е запишано во извештајот, кој се однесува за 2018 година.

Одбраната на Мерко, ревизорскиот извештај го толкува дека немало незаконитост во постапката за набавка на восилото.

Судскиот процес почна во април минатата година, а Мерко се товари за злоупотреба на службена положба, поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои луксузен автомобил „Ауди А6“, со што го оштетил буџетот на Општината спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка. Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено девет обвиненија за несовесно работење во службата. сс

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан