• вторник, 24 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
8 мај 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 25 април. Денеска е Св. апостол и евангелист Марко. Марко е еден од 70-те Христови апостоли. Евреин по потекло, а припаѓал на левитскиот (свештенички) сталеж. Тој е писател на едно од четирите евангелија. Лично не бил присутен на настаните што ги опишува, туку ги дознал од апостолот Петар. Со последниов бил многу близок. Свети Марко во почетокот на апостолската проповед одел заедно со апостолите Петар и Павле, а подоцна заминува за Александрија. Така, тој е прв проповедник на христијанството во Египет и прв александриски епископ. Околу 67-мата година го наоѓаме во Рим заедно со свети Петар и Павле, пред нивната маченичка смрт, а потоа тој пак се враќа во Египет. И самиот пострадал маченички од локалните пагани. Неговите мошти биле положени во од него подигнатата александриска црква, а подоцна (827-мата година) биле пренесени во Венеција. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Благословена Франциска - Урлика. Била родена во 1882 година, во Обердорф, во Германија. Како милосрдна сестра стапила во дружината на сестрите на светиот Крст. Еден животописец за неа напишал: "Секогаш останала понизна сестра извршувајќи работи со апсолутна верност кон своите редовнички правила и со љубов кон секој човек". Работата не ја спречувала да биде поврзана со Господ. На 30-годишна возраст, во 1913 година му ја предала својата племенита душа на Господ. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 46 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 24 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан