• среда, 27 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
21 септември 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 септември. Денеска е Раѓање на Пресвета Богородица. Црквата го востановила овој празник поради посебното значење што го има пресвета Богородица, па во врска со тоа и нејзиното раѓање во Божјата економија на спасението. Онаа што подоцна ќе го роди Бога се роди од благочестивите родители Јоаким и Ана. Јоаким потекнуваше од еврејскиот царски род, а Ана од свештеничкиот. Долго време немаа деца, цели 50 години, но имаа цврста вера во Бога и срдечно се молеа да им биде дадено дете. Голема им беше радоста кога се роди Марија, но голема беше и нивната чесност пред Бога, па тие, не заборавајќи дека Бог на посебен начин им го дал детето, ја дадоа Марија да се воспитува во Ерусалимскиот храм до времето кога му стана свршеница на праведниот Јосиф, т.е. кога Бог одреди да ја прими благата вест од ангелот дека ќе го роди Спасителот на светот. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Матеј. Роден е во Кафарнаум. Кога Исус го повикал кај апостолите, тој бил цариник. Од записите на црковниот историчар Еузебиј, дознаваме дека Матеј пред своето заминување на далечното мисијско патување, им проповедал на Хебрејците, а потоа на хебрејски јазик им го напишал Евангелието (животот на Исус Христос). Свети Матеј како и другите апостоли умрел маченички. ###

Остани поврзан