• вторник, 24 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
8 јуни 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 26 мај. Денеска е Духовден - Слегување на Духот Свети (Втор ден). Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Ерусалим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител. На десеттиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. Тоа е конкретниот настан. Но, за црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време па се до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Медард. Роден е во местото Вермандоису, во француската покраина Сент Куентин. Од својата најрана возраст сакал да стане свештеник. Уште пред да се одлучи да живее свештенички живот, во младоста имал способност за претскажување, така што на својот соученик Елеутериј му рекол дека на 30-годишна возраст ќе стане бискуп во местото Тоурнаиј. Тоа и се случило. Откако станал свештеник, Медард им помагал на луѓето. Подоцна станал и бискуп и во таа служба останал 15 години, се до својата смрт во 560 година. Според една легенда, доколку на неговиот празник врне дожд, постои верување дека во следните 40 денови времето ќе биде врнежливо.

Остани поврзан