Од верските календари
- 12 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 март. Денеска е Преподобен Јован Лествичник.
12 април 2022 (МИА)
ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 март.
Денеска е Преподобен Јован Лествичник.
Тој дојде на Синајската Гора како шеснаесетгодишно момче, привлечен од славата на монашкиот живот на синајските подвижници и остана таму, прво како послушник, потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот. На Синајската Гора постоеле места кои биле исклучително погодни за отшелничко подвижништво, и во едното од нив (Тола) низа години се подвизувал Јован Лествичник. До доаѓањето на Јустинијан Први на престолот, синајските подвижници немале манастир, туку само една масивна тврдина и еден мал храм близу до неа, изградени од равноапостолката Елена. Во 557 година, за време на императорот Јустинијан, на молба на монасите, тука бил изграден манастир. Преподобен Јован Лествичник се упокои околу 563 година.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Св.Јосип Москати.
Бил роден во 1880 година во Италија во христијанско семејство. Кога завршил основно и средно училиште се запишал на Медицинскиот факултет во Неапол. Во 1903 година станал доктор на медицина и работел во болницата Санта Марија дел Пополо. Тој бил хуман и се грижел за болните луѓе. На 4 април 1906 година кога се случила ерупција на вулканот Везув, свети Јосип се грижел за населението на Торе дел Греко каде имало една болница. Москати организирал спасување на болните луѓе. Во 1911 година кога се појавила епидемија на колера, Москати ја покажал својата пожртвуваност. Умрел во 1927 година.
ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР
Времето за ифтар и суфур
Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:17 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 14 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.
###