• сабота, 23 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
4 октомври 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 септември. Денеска е Собор на сите македонски светители. Првата недела од месец октомври си спомнуваме за сите македонски светители, меѓу кои се и светите солунски и сесловенски браќа Кирил и Методиј, богомудри и рамноапостолни, свети Климент Охридски, свети Наум Охридски, свети Гаврил Лесновски, свети Григориј, епископ Охридски, свети Прохор Пчински, свети Јоаким Осоговски, свети Јосиф, архиепископ Солунски, свети Агатангел Битолски, свети Георгиј Кратовски, света Кирана Солунска, свети Никита Серски, света Матрона Солунска, свети Јован Кукузел, свети Александар Солунски, свети Еразмо Охридски, свети Нектариј Битолски, свети Анастас (Спасо Радовишки), света Васа Солунска, света великомаченичка Злата Мегленска, свети Ефтимиј Солунски, свети петнаесет Тиверополски (струмички) маченици, свети Роман, епископ Македонски, свети Николај, архиепископ Солунски, свети Зиновиј и Зиновија Егејски, света Тесалоникија, свети Ангел Лерински, свети мч. Христо, свети Никодим Охридски, преподобен Петар Мегленски, преподобен Иларион Мегленски, преподобен Акакиј Серски, преподобен Дионисиј Костурски, преподобен Јаков Костурски, преподобен Петар Атонски, преподобен Теофил Македонски, преподобен Давид Солунски, преподобен Атанасиј Атонски, преподобен Никодим Елбасански, преподобен Јован Рилски и мноштво други кои засветиле во подвигот на овие македонски простори. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Фрањо Асишки. Роден е во почетокот на 1182 година во Асизи, во Италија во семејство на трговец, кој поради тоа што ја носел стоката од Франција на својот син му го дал името Франческо (на овие простори прифатено како Фрањо, кое значи "мал Французин". Поради добрата имотна состојба во која се наоѓал бил наречен "крал на гозбите и забавите". Еден ден кога влегол во една црква Христос од крстот му се обратил, кажувајќи му да оди и да ја поправи црквата која почнала да се урива. Всушност, припадниците на клерот биле многу богати и себични, додека сиромашните луѓе гладувале. Фрањо го соблекол своето одело и ставил на себе обична вреќа која ја врзал со јаже. Отишол кај папата во Рим и му го предал својот имот, како што правеле голем број бискупи и свештеници. Потоа, имотот им бил даден на сиромашните луѓе. ###

Остани поврзан