• среда, 27 ноември 2024

МТСП почнува со кампања за „Безбедна и здрава работа во дигиталната ера“, синдикатите бараат опримални услови за работа

МТСП почнува со кампања за „Безбедна и здрава работа во дигиталната ера“, синдикатите бараат опримални услови за работа

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика во соработка со Канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје, денеска ја одбележа Европската недела на безбедност и здравје при работа, чија тема е безбедна и здрава работа во дигиталната ера. Земјите членки на ЕУ, како и земјите кандидати за членство, вклучително и земјава, неделава испраќаат порака дека безбедноста и здравјето при работа нѐ засега сите подеднакво.

Во фокусот на денешниот настан беше доделувањето на националните награди на компании од земјава со најдобро инплементиран систем во делот на безбедноста и здравјето при работа.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, посочи дека изборот на компании е во организација на Советот за БЗР, со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, и со вклученост на стручни лица за безбедност при работа и доктори по медицина на трудот кои учествуваа во евалуацијата на компаниите.

Тренчевска во своето обраќање го најави и отпочнувањето на новата кампања на Министерството за труд и социјална политика.

-Отпочнуваме нова Европска кампања за здрави работни места која ќе се спроведува во следните две години. Оваа кампања на Европската агенција за БЗР (EU-OSHA), ќе биде насловена „Безбедна и здрава работа во дигиталната ера“ и ќе биде посветена на подигнувањето на свеста за дигиталната технологија и сѐ поизразената дигитализација во работата и влијанието кое таа го има врз безбедноста и врз здравјето на вработените, истакна Тренчевска.

Штефен Худолин, од делегацијата на Европската унија во земјава, ја потенцираше важноста на здравјето и безбедноста при работа и ја истакна посветеноста на ЕУ да обезбеди добросостојба на работниците, да промовира здраво работно опкружување, како и да обезбеди заштита на работната сила, која резултираше со законска рамка, конзистентна со економските и социјалните цели на Унијата.

Безбедноста и здравјето при работа, вели Худолин, се една од областите за кои ЕУ верува дека има остварено најголеми ефекти. Со солидна законска рамка Унијата опфаќа најголем број ризици.

-Безбедноста и здравјето при работа во Европската унија се клучна област, која што искуси значаен развој и новини во изминатиот период, тоа е отсликано во нашата посветеност да се обезбеди добросостојбата на работниците, да се промовира здраво работно опкружување, како и да се обезбеди заштита на работната сила. Оваа посветеност резултираше со сеопфатна законска рамка, конзистентна со економските и социјалните цели на Унијата, рече Худолин.

Програмскиот координатор на фондацијата „Фридрих Еберт“, Ваљон Садики, истакна дека последните три години заеднички со МТСП и Советот за безбедност и здравје при работа инплементирани се низа на активности во насока на подобрување на условите за работа, како што се изработката на нов предлог-закон за безбедност и здравје при работа, изработка на новата стратегија и акциониот план за БЗР, како и одбележување на Европската недела за безбедност и здравје при работа по втор пат оваа година.

-За нас како меѓународна фондација која ги промовира социјалдемократските вредности, како што се правдата, слободата и солидарноста, благостостојбата на работниците е голема важност, рече Садики.

Од друга страна пак, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека се уште не се обезбедени оптимални услови за целосна сигурност и безбедност како и обезбедување на континуирано унапредување на состојбата на здравите и безбедни услови за работа во компаниите. 

-Денеска ние зборуваме за здрави и безбедни услови при дигитално работење, проблемот со ноќно работење, проблемот со плаќањето и плаќањето на придонеси, меѓутоа не можам да не споменам дека нашите критики и критиките на работниците во најголем дел се за ставањето на стратешкиот интерес и интересот на одредени странски конзорциуми над безбедноста, здравјето и животот на работниците, рече Трендафилов.

Македонија е единствена земја во Европа, продолжи Трендафилов, каде им се овозможува на странски компании непочитување на правилата за безбедност и здравје при работа со работа по 12 часови.

-За жал, ова ќе биде случај кој ќе го дискутираме во наредниот период, имајќи во предвид дека веќе е најавена изградбата на коридорите 8 и 10Д, каде работниците ќе работат бајпасирајќи го законот за безбедност и здравје при работа, овозможувајќи со закон за работните односи со злоупотреба на европското знаменце, нечовечки услови на работниците кои ќе градат на коридорите од стратешки интерес, истакна Трендафилов.

Според извештајот на Македонското здружение за заштита при работа, во текот на 2022 година во земјава регистрирани се 169 несреќи при работа, но како што стои во извештајот, оваа бројка е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место, кој во просек според податоците на Институтот за Јавно здравје до 2020 година е некаде околу 1500 потешко повредени на годишно ниво.

Тие велат дека имаме тренд на намалување на несреќите при работа, но тоа не смее да ги намали сите активности на засегнатите страни. Ако според Меѓународната Организација на Труд, 4 отсто од БДП во сиромашните земји оди во компензација на повредите, тогаш директните загуби кои ги трпи земјава се над 400 милиони евра, бројка која што нашата економија не смее и не може да си го дозволи. ра/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан