• вторник, 24 декември 2024

Одбележување на Денот на културата во сообраќајот - 11 Мај

Одбележување на Денот на културата во сообраќајот - 11 Мај

Скопје, 11 мај 2024 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска ќе го одбележи 11 Мај – Денот на културата во сообраќајот со цел подигнување на свеста на сите учесници во сообраќајот за законско, етичко и толерантно однесување со што, како што наведуваат, ќе се постигне и поголема безбедност на сообраќајот на патиштата.

Денот на културата во сообраќајот се одбележува ширум светот од 11 мај 2015 година кога во Унгарија, со поддршка на Светската здравствена организација, првпат се организираше настан во чест на подигнувањето на свесноста за значењето и влијанието на сообраќајната култура врз безбедноста во сообраќајот.

РСБСП посочува дека секоја година реализира превентивно-едукативни активности за сите категории учесници во сообраќајот затоа што, како што наведуваат, секој од нив директно влијае врз одвивањето и безбедноста на сообраќајот на патиштата.

- Сообраќајната култура претставува начин на однесување на секој учесник во сообраќајот, како и сфаќање на однесувањето на другите учесници во насока на побезбедно одвивање на сообраќајот, односно намалување на непријатните ситуации и минимизирање на сообраќајните незгоди и повредите. Таа се стекнува уште од најмала возраст, а во нејзиното инкорпорирање значајна улога играат семејството и воспитно-образовните институции. Затоа РСБСП особено внимание посветува на спроведувањето на превентивно-едукативни активности за најмладите преку спроведување на кампањи за поголема безбедност, како и за едукација во врска со сообраќајните правила и прописи и одговорното однесување во сообраќајот. Кампањи и активности се реализираат за сите категории учесници во сообраќајот, а се подготвува и разновиден превентивно-едукативен материјал, се вели во соопштението.

РСБСП апелира: „Бидете внимателни и одговорни учесници во сообраќајот. Сообраќајната култура е основен предуслов за намалување на сообраќајниот метеж, намалување на бројот на сообраќајни незгоди и настраданите лица во нив. Заеднички да придонесеме за подигнување на сообраќајната култура и за унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“. мд/аа/

Фото: РСБСП 

 

Остани поврзан