• вторник, 24 декември 2024

Одбележан патронот на црквата „Света Петка“ во Дебар, верниците се поклонија пред моштите на светителката

Одбележан патронот на црквата „Света Петка“ во Дебар, верниците се поклонија пред моштите на светителката

Дебар, 27 октомври 2023 (МИА) - Во присуство на верници од градот и од долнореканските села, денеска беше одбележан патронот на црквата „Света Петка“ во Дебар, а верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на светителката кои беа поставени уште на Утрената богослужба, а се чуваат во манастирот Пречиста, Кичевско.

- Преподобната мајка Параскева била и до денес останува блескав пример за сите жени и мајки, поучувајќи ги со своето житие да застанат на правиот пат и да го постават Христа над сè. Со голема почит се поклонив пред нејзините мошти. Благодарност до свештената бигорска Обител што ни ја дадоа оваа можност, рече Марија Василевка.

По утрената богослужба беше отслужена и Божествената литургија, со која чиноначалствуваше игуменот на Бигорската свештена обител, епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со бигорските јеромонаси и архијерејскиот намесник отец Миле Ангеловски.

Владиката Партеној пред верниците одржа и беседа, во која порача дека со „благодарење и со срдечен копнеж по светоста го празнуваме сјајниот спомен на Преподобната мајка наша Параскева Епиватска, една од недобројното множество Светии, кои го исполнуваат Царството Небесно и со моќни застапништва се молат за нас“.

Нејзините молитви и мајчинска закрила да бидат со сите нас, посака тој.

- Мили мои, човекот е повикан на светост од Самиот Бог. Создаден е да биде свет. Тоа јасно го кажува Самиот Господ Исус Христос во Евангелието кога ги призива Своите ученици: Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен (Матеј 5,48). Целта, значи, на човекот е да се обожи, да стане свет, боголик. Темелот, пак, за обожение го здобивме со светото крштение. На самиот чин на оваа голема и основна света тајна во Црквата секогаш се пеат зборовите што ги напишал Светиот Апостол Павле, а кои пред малку ги чувме од денешното апостолско зачало: Сите кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Гал. 3,27). И бидејќи Христос е Единствениот Свет по суштина, тоа значи дека секој којшто во Него е крстен, е кон светост повикан, рече меѓу другото владиката.

Осветена беше погачата што ја принесе годинешниот кум Танас Илковски од Дебар, кој пак, кумството за до година му го предаде на Дарко Милосавлевски од долнореланското село Велебрдо.

Црквата е изградена во 14 век, била обновена во 19 век а реновирана во 1913 година и по катастрофалниот земјотрес што во ноември 1967 година го погоди градот. Во дворот на црквата е сместено и седиштето на Дебарската парохија. вт/цр

Фото:МИА

Остани поврзан