• понеделник, 23 декември 2024

Одбележан патронот на манастирот „Света Марина“ во Туминец, Мала Преспа 

Одбележан патронот на манастирот „Света Марина“ во Туминец, Мала Преспа 
Пустец, 30 јули 2022 (МИА) – Во селото Туминец, Мала Преспа, одбележан е патронот на манастирот „Светата Марена“, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се иселени тие за овој празник се тука. По повод денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена - Огнена Марија, како и изминатите години, одбележувањето почна од синоќа кога во дворот на манастирот до доцна во ноќта се виеше македонско оро и се пееја македонски песни. По денешната богослужба што ја одржаа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири и двајцата Македонци од Мала Преспа, верниците продолжија со одбележувањето. Од негово и од име на Македонска алијанса за европска интеграција празникот го честиташе партискиот лидер Васил Стерјовски. - Честит и вековит да ни е денешниот ден посветен на  Света Марена, да ни е на помош и да ни дарува здравје, многу радост, среќа, благосостојба, стои во кусата честитка. Честитка за празникот, со истите желби, до жителите на Мала Преспа испрати и Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана. Инаку, селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење - Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители. Овој преубав манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.  вт/aa/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан