• сабота, 21 декември 2024

Одбележан Денот на менталното здравје: Немој „да прегориш“

Одбележан Денот на менталното здравје: Немој „да прегориш“

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - На плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска беше одбележан Светскиот ден на менталното здравје. Настанот беше во организација на Универзитетската клиника за психијатрија, со цел подигнување на свеста за важноста на менталното здравје. Како што беше кажано, во нашава држава има пораст на лицата со нарушено ментално здравје, а најавени беа и низа активности со цел да се подигне свеста на оваа тема.

Директорката на Клиниката за психијатрија, Славица Арсова, во изјава за медиуми, рече дека за менталното здравје треба да се зборува на отворено, а не зад затворени врати. Затоа, тие денеска одлучиле да зборуваат за менталното здравје на плоштадот.

Таа подвлече дека менталното здравје не е луксуз, туку потреба и право на секоја индивидуа. Колку телесно, човек треба да биде и ментално здрав. Арсова појасни дека ментално здравје значи не само отсуство од некаква болест, туку да се чувствуваш радосен, среќен, пријатен. Оваа година, темата е врзана за менталното здравје и работното место, каде во текот на работната недела, луѓето најмногу го поминуваат нивното време.

- Постои синдром на прегорување, токму тоа и го велиме денес - „да не дозволиме да прегориме“, подвлече Арсова.

Директорката рече дека се собрани за да се подигне јавната свест околу тоа колку многу е важно на работа, условите во кои работиме, да бидат добри, меѓучовечките односи да се поддржувачки, да се работи тимски, а тоа подразбира еден колега на друг да му помага. На помлади, постари, како што посочи таа, небитно. Бидејќи, здрави луѓе - здраво општество. И обратно, болни луѓе - болно општество.

На новинарско прашање, таа одговори дека со години наназад се бележи пораст на луѓе со нарушено ментално здравје.

- Тоа е повеќефакторски, се разбира. Не можеме да кажеме дека се должи само на еден фактор. Односно, ние имаме зголемен број пациенти години наназад. Но, тоа не мора да значи дека луѓето се поболни, туку може да значи дека луѓето се поинформирани, односно дека еве, овие сите работи што ги правиме, се доволно добро или поподигната е јавната свесност, дека треба да се грижиме и за нашата психолошка состојба, не само за телесното здравје, бидејќи едното од другото не можеме да го одвоиме, нагласи Арсова.

На настанот присуствуваше и министерот за здравство Арбен Таравари, кој најави повеќе активности во програмата на Министерството за идната година, што ќе биле координирани со Клиниката за психијатрија.

- Порано менталното здравје беше некако табу за граѓаните. Меѓутоа, денеска е секојдневие и се соочуваме и навистина, целта е, не само индивидуално, туку и колективно освестување на луѓето за ваквите проблеми што се почести и повеќе луѓето ги пријавуваат кај институциите што се компетентни за тоа, изјави министерот.

Тој нагласи дека веќе има инвестиции во Клиниката за психијатрија, се работело за нови фасада, кров, врати, прозорци, внатрешно уредување, дијагностички методи, со што ќе се овозможело во оваа клиника, „што е терцијарна установа и најкомпетентна во државата за менталното здравје“, да им пружа сѐ подобри здравствени услуги на пациентите. бд/нд/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан