• понеделник, 23 декември 2024

Одбележани 80 години од ослободувањето на Ѓорче Петров

Одбележани 80 години од ослободувањето на Ѓорче Петров

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Со положување цвеќе од страна на бројни делегации на Спомен-плочата на паднатите борци во НОБ, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 Ноември, денот кога Општината беше ослободена во антифашистичка борба.

Како што информира Општина Ѓорче Петров, општинската делегација беше предводена од градоначалникот Александар Стојкоски, кој во обраќање пред присутните рече дека 14 ноември е датум кој ја врежал слободата длабоко во историјата на ова место.

-Овој ден не е само историски настан, туку и сведоштво за неуморната борба, пожртвуваноста и храброста на сите оние кои се изборија за својата земја, за својот дом, за својата иднина. Никогаш не смееме да заборавиме дека слободата и државата тешко се стекнуваат, но вечно се бранат и чуваат со нашите дела кои се темелат на спомените на хероите и поуките кои ни ги дава историјата, како и на секојдневно вложениот труд, изјавил градоначалникот Стојкоски.

Одбележувањето осум децении од ослободувањето на Ѓорче Петров, како што навел Стојкоски, го чествуваме како благодарност кон оние кои ги дале животите за денес ние да живееме во мир, истовремено и како обврска на модерното време кое бара нови херои што ќе одговорат на новите предизвици, кои нудат храбри и одржливи решенија.

-Денес, вистинските вредности се видливи и тие се препознаени од ѓорчепетровци, кои секојдневно се сведоци на нови и нови дела, кои се прават за заедничкото добро на сите. Нека ни е честит и вековит Денот на ослободувањето на општина Ѓорче Петров! Секогаш да се потсетуваме на денешниов ден и да го негуваме духот на слободата и единството што не обединува. Да живее слободно Ѓорче, вечна да е Република Македонија, потенцирал Стојкоски.

Ослободувањето на Ѓорче Петров, ден по ослободувањето на Скопје, како што се наведува, е пример за непокор и за големата жртва која македонските партизани ја дадоа за да го ослободат секое делче од нашата земја. мд/са/

Фото: Општина Ѓорче Петров 

Остани поврзан