Обjавена програмата за Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“
- Советот на Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ ја објави програмата за овогодишното издание, што како проект од културата од национален интерес ќе се одржи од 18 до 24 октомври во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.
Виница, 7 октомври 2024 (МИА) – Советот на Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ ја објави програмата за овогодишното издание, што како проект од културата од национален интерес ќе се одржи од 18 до 24 октомври во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.
Традиционално, отворањето ќе биде со изложбата на карикатури што пристигнаа на меѓународниот конкурс на тема „Кој прв започна“, а трите најдобри ќе добијат награди од стручната жири комисија.
- На конкурсот за карикатура пристигнаа над 420 творби од 170 карикатуристи од 43 држави во светот. Светски познатиот карикатурист Дамир Новак од Хрватска, кој е и претседател на жири комисијата, беше во работна посета кај нас и веќе ја направи селекцијата од 50 најдобри карикатури. Заклучокот е дека има голем број квалитетни дела и жирито ќе биде пред тешка задача да ги определи најдобрите тројца автори, чии имиња ќе бидат соопштени на отворањето на Фестивалот на 18 октомври од 19 часот, истакна Благица Стојановска, директорка на Домот на културата „Тошо Арсов“.
На отворањето на фестивалот ќе биде предадена во употреба реновираната Сина сала во Домот на културата во Виница, а потоа настап ќе има актерот Сашко Коцев со стендап комедијата „Широк дијафазон“.
Во рамки на „Ин Виница веритас“ на 19 октомври ќе се одржи традиционалната „Вечер на македонскиот афоризам“ и ќе биде отворена и изложбата на плакати на фестивалот „10 години Imposter“. Во драмската програма во наредните два дена ќе гостуваат аматерскиот театар „Мирка Гинова“ од Демир Капија со преставата „Ти спиеш, тебе ти се спие“ и Народниот театар „Трајко Прокопиев“ од Куманово со комедијата „Љубовна терапија“.
Програмата на фестивалот ќе биде затворена со едукативни часови за епиграм со средношколците од Виница под менторство на Миле Ѓорѓијоски, во чии рамки ќе биде промовирана книгата „Палави епиграмчиња“ и изложбата на илустрирани епиграмчиња од Софија Ситновска.
Фестивалот „Ин Виница веритас“ и годинава ќе се одржи со финансиска поддршка од Министерството за култура, а под покровителство на Општина Виница и локалниот бизнис сектор. та/цр
Фото: плакат на фестивалот „Ин Виница веритас 2024“