• сабота, 23 ноември 2024

Објавен ревизорскиот извештај за изборна кампања за 2022 за локалните избори за градоначалник на Општина Центар Жупа

Објавен ревизорскиот извештај за изборна кампања за 2022 за локалните избори за градоначалник на Општина Центар Жупа

Дебар, 23 ноември 2023 (МИА) - Државниот завод за ревизија денеска, покрај другите, објави конечен ревизорски извештај за извршената ревизија на вкупниот финансиски извештај и ревизија на усогласеност за изборна кампања за 2022 година, за локалните избори за градоначалник на Општина Центар Жупа.

-Државниот завод за ревизија имаше обврска да изврши ревизија на вкупниот финансиски извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите во изборната кампања, заедно со ревизија на усогласеност на сметката на Демократска партија на Турците на Македонија за локални избори на изборна кампања 2022 за избор на градоначалник на Општина Центар Жупа. Изразивме неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансискиот извештај, додека за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики изразивме мислење со резерва, стои во извештајот.

Со ревизијата е констатирано дека финансискиот извештај за изборната кампања не е презентиран и не е доставен до Советот на Општина Центар Жупа, не е изготвен и не е доставен до ДЗР, ДИК и ДКСК. Извештајот со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања од денот на отворање на трансакциската сметка до завршување на изборниот круг и во финансискиот извештај за изборната кампања не се прикажани приходите и расходите за платено политичко рекламирање.

Во ревизијата за партијата Движење за национално единство на Турците изразено е „мислење без резерва за вистинитоста и објективноста на финансискиот извештај, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“.

-И за двете партии во делот на останати прашања ревизијата ги истакна системските слабости во Изборниот законик и потребата од нивно надминување, а кои се однесуваат на делот на финансирањето на изборната кампања, рекламните паноа и билборди, следењето на медиумско претставување на учесниците во изборна кампања на електронските медиуми (интернет портали), рок за уплата на донации, финансиските извештаи, казни и прекршочни одредби и други прашања, стои во извештајот.

Се посочува дека надлежните институции потребно е да преземат активности за надминување на утврдените системски слабости и се нагласува дека од страна на одговорните лице на субјектите, не се добиени забелешки на Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор. вт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан