Објавен повик за стипендии за учебната 2025/26 година од Фондацијата „Атанас Близнакоф“
- Фондацијата „Атанас Близнакоф“ објави отворен повик за доделување стипендии за студентска извонредност за редовни студенти запишани на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во академската 2025/26 година. Стипендиите се наменети за студенти кои покажале исклучителни резултати во средното образование, имаат потенцијал за личен и професионален развој, но истовремено се соочуваат со финансиски пречки за продолжување на образованието.
Скопје, 1 јули 2025 (МИА) - Фондацијата „Атанас Близнакоф“ објави отворен повик за доделување стипендии за студентска извонредност за редовни студенти запишани на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во академската 2025/26 година. Стипендиите се наменети за студенти кои покажале исклучителни резултати во средното образование, имаат потенцијал за личен и професионален развој, но истовремено се соочуваат со финансиски пречки за продолжување на образованието.
Износот на стипендијата изнесува 2.500 (две илјади и петстотини) американски долари во денарска противвредност и се исплаќа еднаш годишно, на почетокот на академската година. Право на пријавување имаат сите ученици кои ќе се запишат како редовни студенти во прва година на студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје чии вкупни семејни бруто приходи не надминуваат 800.500 денари за 2024 година; имаат завршено средно образование со просечен успех од најмалку 4.0; не користат друга стипендија повисока од 6.000 денари; се државјани на Република Северна Македонија.
Апликацијата се пополнува електронски на платформата за стипендии на Македонија2025: https://e-scholarship.macedonia2025.com, каде кандидатите ќе можат да ги прикачат потребните документи и да ги следат сите инструкции. Краен рок за аплицирање е 30 август 2025 година до 23:59 часот.
-Процесот на селекција се заснова на јасни критериуми и вклучува автоматско бодување преку платформата, како и проценка на есеј и интервју од страна на комисија составена од претставници на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ и Македонија2025. Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и ќе бидат најдобро рангирани, ќе бидат информирани до крајот на октомври 2025 година, информираат од Македонија2025.
Преку оваа програма, како што велат, се овозможува пристап до висококвалитетно образование за најталентираните млади во земјата.
-Програмата не претставува само финансиска поддршка, туку е вистинска инвестиција во целосниот потенцијал на идните лидери на Македонија. Стипендистите добиваат можност да се вклучат во дополнителни активности како индивидуално менторство со истакнати професионалци, тренинзи за развој на меки вештини, обуки за кариера и лидерство, како и практикантства во реномирани компании и организации. Програмата овозможува полесен и посигурен премин од академските студии кон професионалната кариера.
Повеќе информации, инструкции и листа на потребна документација може да се добијат на : https://e-scholarship.macedonia2025.com .вј/са/
Фото: Македонија2025