• понеделник, 23 декември 2024

Објавен Конкурсот за 14. Школа за млади лидери

Објавен Конкурсот за 14. Школа за млади лидери

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Четиринаесеттата Меѓународна обука за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорге Иванов ќе се одржи од 7 до 19 октомври 2023 година. Денеска е објавен Конкурсот за учесници на школата, која ќе биде на темата „Образование – Трансформација – Лидерство“. Рокот за аплицирање на конкурсот е до 21 јуни 2023 година.

Како што информира Кабинетот на поранешниот претседател Иванов, програмата на 14-та Школа за млади лидери се организира комбинирано - онлајн и во Охрид. Таа е наменета за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство.

Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив.

- Оваа година програмата на Школата треба да одговори на прашањата како образованието и лидерството можат да бидат трансформатори и катализатори за позитивни промени и иновации. Со планираните активности во програмата сакаме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок, се вели во соопштението.

Бројот на учесници на школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади од нашата држава и од странство, кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот.

Сите заинтересирани повеќе информации за конкурсот можат да најдат во објавите на веб-страницата и на профилите на социјалните мрежи на Школата за млади лидери. 

Меѓународната обука за млади лидери на Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 13 обуки учествуваа над 500 млади луѓе од целиот свет со различен академски и професионален фокус. Над 300 предавачи и говорници од земјава, Европа и светот одржале предавања пред тринаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери.

Во 2018 година, Школата за млади лидери на поранешниот претседател Иванов е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели. мд/сп/

Фото: Школа за млади лидери 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан