• среда, 25 декември 2024

Објавено Упатство за етичко и професионално информирање за теми од судството

Објавено Упатство за етичко и професионално информирање за теми од судството

Скопје, 30 март 2023 (МИА) - Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) објави Упатство за етичко и професионално информирање за теми од судството, кое нуди збир на принципи и примери за добрите практики што новинарите треба да ги следат кога известуваат за судството. Опфаќа повеќе клучни теми, како што се пристап до информации, доверливост, заштита на личните податоци, начелото за пресумпција на невиност и правата на сите страни вклучени во судскиот процес.

- Ова практично упатство ќе биде од особена корист и за медиумските работници и за претставниците на судството и ќе помогне во заедничкото разбирање за принципите на етичкото и професионалното известување, кое ќе гарантира дека јавноста има пристап до точни и непристрасни информации за судството, се наведува во соопштението од ЗНМ.

Упатството за етичко и професионално информирање за теми од судството е изработено и преведено како на македонски, така и на албански и на англиски јазик.

- Оваа публикација е дел од регионалниот проект „Зајакнување на слободата на медиумите во Северна Македонија“ финансиран од Кралството Холандија и имплементиран од холандскиот Хелсиншки комитет и Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија. Ставовите и мислењата изразени во оваа публикација се во целост на авторите. Тие нужно не ги претставуваат ставовите и мислењата на Кралството Холандија, ниту на организациите што го спроведуваат проектот или на нивниот локален партнер, појаснуваат од ЗНМ.

Укажуваат дека известувањето за судските процеси е една од најтешките теми за покривање и следење од страна на новинарите.

- Не поради обемот на самиот настан, туку поради одговорноста како еден сензитивен процес да се пренесе на транспарентен и непристрасен начин до јавноста. Новинарите, при известувањето за судската постапка, неопходно е да има знаење за судските процеси и за природата на кривичните или граѓанските дела, вклучувајќи ги и фазите на судењето. Медиумското известување за еден судски процес подразбира дека новинарот треба да биде запознаен за повеќе аспекти и тоа од моментот кога и под кои околности се случил настанот, детали околу истражните мерки за кои јавноста може да биде запознаена, како и улогата на Јавното обвинителство во случаи кога има кривични постапки, велет од ЗНМ.

Автори на публикацијата се д-р Марина Тунева, експерт во областа на медиумите, м-р Лазар Сандев, адвокат, а свој придонес во нејзината изработка има и Адријан Ќерими, новинар во „Алсат М“. бд/

Фото: ЗНМ

Остани поврзан