• сабота, 23 ноември 2024

Обраќање на претседателот на Собранието Талат Џафери пред слушателите на сениорскиот курс на НАТО одбранбениот колеџ од Рим

Обраќање на претседателот на Собранието Талат Џафери пред слушателите на сениорскиот курс на НАТО одбранбениот колеџ од Рим

Скопје, 11 декември 2023

Во име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и во свое лично име Ви пожелувам топло добредојде во нашиот законодавен дом и ви посакувам успешна студиска посета. Вие сте дел од највисоката академска институција на НАТО алијанса која значајно придонесува во развојот на образованието на своите офицери и високи службеници, со што Колеџот дава квалитетен влог во креирањето и операционализирањето на актуелните и идните НАТО политики.

Со оглед на моето богато искуство и долгиот политички ангажман - во еден парламентарен мандат како Шеф на Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО, потоа како министер за одбрана и како заменик министер за одбрана, можам да споделам многу искуства од работењето со НАТО во различни контексти и нивоа, при што ќе подвлечам дека единствениот стабилен одбранбен сојуз кој ги обединува земјите низ целиот свет и кој опстојува речиси 75 години, е НАТО алијансата. За сите овие изминати децении Алијансата покажа дека конзистентноста на сојузништвото меѓу земјите-членки, земјите аспиранти и земјите партнери, е секогаш поставена на највисоко место. Градењето на стабилен, отпорен на безбедносни предизвици и мирен геополитички простор е императив на НАТО, а улогата на сојузниците во тоа, каде делуваат “сите за еден”, е најскапоцената придобивка од Северно-атлантската повелба.

Собранието на Република Северна Македонија, како претставнички орган на граѓаните, рамноправно со другите сојузнички парламенти учествува во парламентарната димензија на НАТО, односно Парламентарното собрание. Ние имавме статус на асоцијативен член во ПС на НАТО 25 години сметано до приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во НАТО, во кој период преку работата на своите парламентарни делегации, беше препознаено како многу активно и партиципативно Собрание.

Заедно со Парламентарното собрание на НАТО организиравме 7 Рос-Рот семинари, со забележителен број на учесници од ПС на НАТО, но и високи претставници на НАТО, еминентни одбранбени институти и од академската фела. Преку Рос-Рот семинарите се споделуваат важни и практични искуства и им се дава можност на партнерските држави на НАТО од регионот на централна и источна Европа, да постигнат солидно ниво на општествена и демократска подготвеност. Собранието на Република Северна Македонија, преку одржувањето на овој импозантен број на Рос-Рот семинари, го покажа и докажа својот капацитет квалитетно и содржајно да придонесува во работата на ова мултилатерално парламентарно собрание.

Како Собрание, бевме домаќини на работни и официјални посети на бројни делегации и високи претставници на НАТО Алијансата, меѓу кои на два генерални секретари, од кои актуелниот ни беше во посета четири пати за период од 5 години (2018, 2019 и 2023). При една од тие посети Република Северна Македонија беше домаќин и на состанокот на Северноатлантскиот совет во Скопје (2019).

Собранието остварува долгогодишна соработка и со Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF), со кој имаме реализирано бројни обуки, едукативни работилници и проекти, меѓу кои последниот е изградбата на “глува соба” согласно НАТО стандардите.

Република Северна Македонија докажа дека Алијансата има сигурен сојузник, кој како и досега, ефективно ќе придонесува за обезбедување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност. Придонесот на земјата во мисиите предводени од НАТО во изминатите две декади (ИСАФ, Одлучна поддршка, Алтеа) се поздравува скоро на секој настан на НАТО, на владино и на парламентарно ниво. Република Северна Македонија е една од најголемите контрибутори per capita (преку 3000 војници во меѓународни мисии), демонстрирајќи силна посветеност во борбата против меѓународниот тероризам и во обезбедувањето на глобален мир и стабилност. Собранието ги донесува најголемиот број одлуки за испраќање на нашите војници во странските мировни мисии на НАТО и со тоа ја покажува подготвеноста активно да партиципира во одбранбените политики на државата и во исполнувањето на своите обврски кон НАТО.

Во овој контекст сакам да подвлечам дека Република Северна Македонија е членка на Глобалната коалиција за борба против тероризмот предводена од САД уште во самото нејзино основање и споделува заеднички одговорности со земјите членки на НАТО.

Собранието на Република Северна Македонија беше активно вклучено во пристапните разговори со НАТО, во рамките на Програмата за продолжување на реформите (ППР) и која траеше цели 18 години, а беше подготвена согласно барањата содржани во Планот за спроведување на процесот на пристапување во НАТО. Како институција, сериозно пристапивме во изготвување на Програмата и во спроведувањето на неопходните реформи од наша страна, за што добивме многу позитивни оценки од Алијансата.

Патот кон НАТО не беше нималку лесен, ниту краток. Преку надминување на отворените прашања со Република Грција, со референдумското изјаснување и со преземање на сензитивни и тешки одлуки, Собранието на Република Северна Македонија на 11 јануари 2018 година ги донесе амандманите на Уставот, со кои се смени името на државата и се отвори патот кон полноправното членство на земјата во НАТО. Република Северна Македонија, со депонирање на инструментот за неговата ратификација во Вашингтон, на 27 март 2020 г. стана 30-та полноправна членка на НАТО.

Собранието во нашиот политички систем е државниот орган во чија исклучива надлежност се ратификациите на меѓународните договори. При ратификацијата на нашиот Пристапен протокол кон НАТО од страна на парламентите на земјите-членки на НАТО, Собранието на Република Северна Македонија беше последниот парламент кој во 2019 го ратификуваше Вашингтонскиот договор. Како полноправна членка на НАТО, минатата година бевме меѓу првите парламенти кои ги ратификувавме пристапните протоколи на Финска и Шведска, со што овозможивме натамошно проширување и зајакнување на НАТО алијансата со Финска. Се надеваме дека и Шведска до крајот на годинава ќе се придружи на НАТО.

Вредна за споменување е и 2020-та година, годината која беше исклучително тешка за сите нас поради пандемијата со КОВИД-19 кога условите за работа радикално ни се променија, при што сите вложувавме максимални напори да се прилагодиме на истите, водејќи грижа за личното, семејното и колективното здравје. Таа година ја покажа и другата димензија на НАТО алијансата и на неговата парламентарна димензија, ПС на НАТО, а тоа е - солидарноста на НАТО, грижата за секој сојузник и проактивниот однос да се помогне секому во кризни состојби, при што секој сојузник се покажа на дело и во реален формат, преку доставување и прием на значајни контингенти на потребна санитетска опрема.

Би сакал да ве информирам и за актуелните случувања на планот на нашата европска интеграција. Како држава, остануваме посветени на интегрирањето во европското семејство и Берлинскиот процес, од причини што истиот во основата на соработката го става помирувањето на земјите во регионот и оставање на заедничкото минато во историјата, каде што и реално припаѓа. Во рамките на процесот, како земја заедно со останатите земји од регионот, покажавме силни заложби за реални резултати кои ќе имаат долгорочни позитивни ефекти. За успешно завршениот скрининг процес, добивме највисоки оценки и веруваме дека наскоро ќе ја отвориме Првата меѓу-владина Конференција.

Почитувани офицери,

Верувајте во доброто образование, кое го стекнувате на овој реномиран Колеџ. Придобивките од тоа ќе ги имате како долгорочна инвестиција во вашата натамошна професионална работа и кариера.

Ви посакувам натамошни успеси во вашите идни образовни и професионални ангажмани, но и на личен и семеен план.

Собрание на Република Северна Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан