• сабота, 28 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
13 април 2021 (МИА) Од нашето минато Наколец Селото Наколец, што се наоѓа на самиот југоисточен брег на Големото Преспанско Езеро, се карактеризира со неговите преселувања низ вековите заради осцилациите што се случувале во многу дамнешни периоди, а се актуелни и сега. Според преданието селото три пати било преместувано што се потврдува со следниве факти. Кога езерото било повлечено слично на денешната положба населбата постоела на околу 300 метра подолу кон езерото од денешната местоположба. Тоа се потврди со откриените остатоци по опаѓањето на нивото на водата, што уследи во периодот од 1987 до 1995 година со тенденција на натамошно повлекување до 2002 година. Притоа покрај темелите на црквата Свети Никола која била преместувана кон крајбрежјето и остатоците од живеалиштата, беа откриени два бунари, едниот соѕидан од камен, другиот плетен со фојови прачки како и многу керамички предмети. Но, најинтересно е тоа што повлеченото езеро зад себе остави траги од некогашни живеалишта на колци, според кои се зачувал топонимот односно името на селото Наколец, што означува живеалиште на колци. Осцилациите на езерото, што се паметат со покачување на нивото, како што беа во 1917, 1942 и во 1962 година беа причина и денешното село во некои делови да биде поплавено од водата кога и црквата Свети Никола се наоѓаше обиколена од езерските води. Меѓутоа интересно е што пишуваат историските извори за над езерски живеалишта во петтиот век пред нашата ера. Константин Иречек цитирајќи го грчкиот историчар Херодот пишува: „Во езерото на високи колци се поставени дрвени сврзани подови, до нив од сувиот дел води само еден тесен мост. На почетокот сите жители здружено ги собирале основните колци за тие подови, потоа вовеле обичај секој граѓанин кога ќе се ожени бил должен да донеси три колци… и така секој на подовите имал своја колиба во која што живее и една врата, капак на подот што води надолу кон водата. Остатоци од такви езерски живеалишта, пишува Иречек во 1863 година открил францускиот археолог Девиј на Стримон. Меѓутоа не само на крајморското Прасиско Езеро туку и во внатрешноста на Преспанското Езеро старите Трако-Илири, а имено племето Скиртони, риболовеле во надезерските живеалишта. Дури и кога Славјаните се населиле во тие краишта не само што ги нашле претходните жители уште при тој првобитен начин на живеење, туку и самите како нив се населиле. На источниот брег на Преспанското Езеро се наоѓа село наречено Наколец и Наколци кое има околу 40 куќи. Тоа село не е од поново време. Уште во времето на српскиот цар Стефан Душан (1331-1355) кој околу 1334 година ја одзеде од Византијците цела западна Македонија, рибарите „у Наколцех“ биле подарени на манастирот Трескавец кај Прилеп. Наколци без секакво сомнение се жители чиј што живеалишта се изградени на колци, самите градби на колци на славјански можеби се нарекувале наколие. Заслужува да се истакне дека селото Наколци од таа страна на езерото, осамено лежи на самиот брег, додека блиските села се оддалечени четврт или половина час од водната површина. До кога рибарите од Наколци живееле на колци не е познато. Само археолошките истражувања можат донекаде да помогнат за расветлување на прашањето, пишува Иречек. Овде треба да го истакнеме фактот дека во Преспанската Котлина, односно на езерскиот брег кај селата Нивици и Пустец се наоѓаат типоними „Накол“ што упатува на претпоставка дека и во овие места постоеле наколни живеалишта. Од книгата „Преспа – историска енигма“ од Кирил Ј. Јоновски, Скопје 2002. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан