• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
30 мај 2020 (МИА)  Верувања и суеверија  Сениште во еден стар даб Пред педесе години бев калфа у Тимиона терзијата. Дојде аџи Мевмед Топал Оџојќ на дуќан да си крои еден абдесл’к од чоа, и си отворија муабет со Тимиона за вапири и за сеништа: - Ем, море, уста Тимион, јас што сум видуал еден мака, од еден т’л’с’м идејќи од чивлико, веќе не прашуај. Ете како му кажуаше на Тимиона. Во жетва време, бидејќи беше бил аџијата на чифлик во село мажујчишта му текнало ноќта да иди во Прилеп, арно ама саат немајќи, беше тргнал на полноќ, тамам во глуо доба. Терајќи си коњо, ѓоа дошол до синоро од селото Варош, при еден стар даб и многу рашаторен (тој даб бил ветрничав, сите селани го знаеја, арно ама анџијата не му веруал на селаните, ами шега му се бијал; арно ама коа патил сам тој од тоа сениште поверуал и на сите му раскажуал). Нејсе, коа беше дошол до дабо, видел као да беше излегло од дабо едно црно пциште и застанало на пато пред коњо, и коњо веднаш би се уплашил и фукнал со носо ни се ступал назад. Му удри мавмузите аџијата на коњо, арно ама коњо неќел да оди од страо на песо. Сечи меса – неќел да неќел! - Море, ја ќе поминиш – му велел на коњо – ја ќе пукниш! Удри со мамузите, шу како од како да го престраши коњо од песо, арно ама песо се поеќе се големеел и се озабуал. Коа го видел аџијата, многу се уплашил и од страо не се сетил оти има за појас пиштоли; без да знаи што праи страо, се ватил за пиштол и му свикал на коњо да бега. Колку стори коњо да бега, туку од кај што стоеше песо, се препраи на едно јаре и вреснало, та скочило од кај што стоеше и му се врлило во скуто на аџијата и ватило да му ја лижи брадата и да му ја мазни. Од страв што му дошло на аџијата, се здрвил на местото, не му текнало да го турни од скуто, али да го вати и да го врли, али да го удаи; нити па да се вати за пиштол, нити па коњо да го потера. Де море беља, де, од едно јаре уште малце ќе умреше! Стоејќи на едно место, сам коњо беше тргнал да оди и да се витка, као да носи товар од триста ока, одел и стенчел. Дојдуајќи до една река, и пред да ја прегази коњо реката, туку од кај што беше јаре, се сторил зајак и туку си рипнал од скуто од аџијата зајако наземи и трештил да бега и прао си отиде кај дабо и тамо беше си влегол во корено од што беше ислегол. Со видуањето оти влегол зајако во корено од дабо, беше поверуал најздраво оти во корено од дабо имало сениште и дури да бидел жив, се таксуаше да не врви ноќе кај тој даб. Сениште огнено и свапирено Во 1862 година Ристе Џинџија, од селото Варош Прилепско, беше овчар и со двајца другари си паселе овци, до пато Коњарцки. Двата другари спиеја, а Ристе не спиел и си вардел овците да не влезат во некоја нива да сторат пакос. Таман на полноќ, видел еден огон од големио гроб што је на Црвени Брегои, уште од џенго што се напраи со шкодраните и садријазмо. Огно бил висок колку еден остен и дебел колку еден чоек. Огно бил како некое дрво изгорено, само на жар сторено и никаков пламен немало да свати. Од кај што стоел огно во гробо, туку беше кинисал да оди као кај него; од гробо до кај што беше Ристе овчаро има близу пол саат), ами прекутрупа си одел, високо од земјата колку две-три педи. Поминал преку река и преку јазо и ја опраил, прао кај него, по едно патче од под воденицата. „Еј шоана, што ќе биди оној пусти огон?“ – си рекол сам на себе и и скорнал двајцата другари, та му го кажал и тие да го видат. - Море што ќе биди оној огон, бре браќа, што иди као кај нас? – му рекол. Видуајќи го другарите, се зачудиле и еден рекол: требало да је вештица, другиот вапир, треќио сениште, најпосле и си рекле: вапир можело да биди, чунки излегол од гробо кај што биле закопани низамите. Во тие зборои приближил огно до пато Коњарцки, близу до овчарите и никому не му текнуало да се вати за пиштол. Шуќур на пците што му се пуштиле да лаат и коа беа ти го засукале и не му дале да го прејди пато и да дојди до овчарите. - Е, туку седам и се чудам, брате Марко, како занемевме сите тројца и ништо не прогооривме, али да и пуштиме пците, али да се ватиме за пиштол, али да се приготвиме, барем со стапојте. Си стојавме како здрвени и си го чекавме вапиро да не удаи – ми рече Ристе коа ми кажуаше. Еле беше дал Госпо и си го опраил пато Коњарцки и се вратиле пците. Близу до село Коњари што го гледале огно, и после каракаип беше се сторил. Откоа се разденило, се ставил Ристе со неколцина овчари коњарцки и и прашал Ристе дали го виделе огно што отиде кај нив. - Ами за вапиро прашаш, Ристе? – му рекле. – Многупати сме го виделе ние и ноќеска му свикав јас: „Кој си ти бре, оти те отепав?“ И го исповртов стапо да го удрам; огно ми прогоори, коа кога да проблеи некоја овца коа да паси, као аљабачки. И туку невиден бист се сторил од пред нас – му рекол овчаро коњарцки на Ристета. Откоа ватил Ристе да му раскажуа за тој огон, мнозина му кажуале оти и тие го виделе, а не само Ристе. Еден да гледа сениште и друг да не го гледа Аџи Јоан Аџи Илиоски, идел една ноќ од чивлик со таксидаро Јоана Конев (слачо) за во Прилеп од селото Коњари. Приближуајќи до една чешма распадната и пуста, видел Аџи Јоан едни страшни луѓе обружани од нозе до заби, као да и чекаат нив да и отепаат. Застанал со коњо и уплашен му рекол: - И гледаш луѓето, Јоане? Нам не чекаат, арно ти велев да не патуаме ноќеска, ами не ме послуша. Ај сега да се враќаме да не изгиниме. Слушајќи тие зборои Јоан Конев од аџијата, се чуди чунки тој не гледал ни луѓе обружани, ни ништо. - Море кај има луѓе обружани, бре аџи-баба, тие се трње и капиње што сет околу чешма, ај терај си коњо и ич не бој се, ако умрам јас, и ти ќе умриш. На тој кураж од Јоана, дупнал коњо аџијата и до негде пак застанал и друго поголемо чудо видел: - Ами сега гледаш друго чудо, неискажано, па кај чешмата? – му рекол. - Гледам, аџи, па трњето, капињето и камењето од чешмата – му рекол Јоан Конев. - Море барем ти си млад, бре Јоане, оти да не и гледаш оние ’ртки што број емаат околу чешмата и тукуречи дос екаде, ене ји ја као некој телиња кај скокаат и се бркаат. Глеат Јоан – ни ’ртки, ни ништо. - Нема ништо, бре аџи, да не си нешто сонлив што така ти се гледа – му рекол. - Море како ќе сум бил сонлив, бре душко, мене ми се очите четири ти ми велиш сум бил сонлив, ене ји ја, полно ’рти и ’ртки кај туку се бркаат. Море, море, море што је, прсиплева! Ти се чудам, бре Јоане,оти ти да не и гледаш? – му рекол аџи Јоан. - Е, коа нема, аџи, што ќе глеам, ене трње и капиње гледам, ако је ноќе – му рекол Јоан Конев. - Е ти за инат ми зборуаш, Јоане, и друго нешто; ашиќере гледам цело поле ’ртки и па неќиш да ми потврдиш, не аџет. Доовде инатчија не сум те знал да си! – му рекол Аџи Јоан. Со тие зборои си патуале аџијата и таксидаро, да дури дошле близу до градо и се гледал аџијата ’ртки по сето поле, и коа влегле во градо, пропеале петли и невиден бист се сториле ’ртките. Тогај дури беше се осветил аџијата и беше се прекрстил коа видел оти немало ни ’ртки ни ’рти. - Што се прекрсти, аџи баба? – му рекол Јоан Конев – дали уште и гледаш ’ртките? - Море плукни си в пазуа, бре Јоане и не смеј се, оти ти уште не си патил, речи Госпо да те чуа од ваква беља. И треба да знаиш оти кај некоја пуста чешма, али куќа, али црквиште, али шипје, дрвја шаторески, има ваквие сеништа, и турли бе турли му се јавуаат на луѓето – му рекол Аџи Јоан. Од записите на Марко Цепенков. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан