• четврток, 22 август 2024

Нојер се повлекува од германската репрезентација

Нојер се повлекува од германската репрезентација

Берлин, 21 август 2024 (МИА) - Мануел Нојер објави дека повеќе нема да брани за германската репрезентација. По 15 години како неприкосновен број еден на германската репрезентација, Нојер одлучи да стави крај на репрезентативната кариера.

Нојер (38) ја објави веста на својот Инстаграм профил. Неговите агенти веста ја пренеле и до сите германски медиуми.

„Панцирите“ на тој начин останаа без последниот активен член кој беше крунисан за светски шампион во 2014 година. Тој има договор со Баерн до крајот на јуни 2025 година, односно до крајот на сезоната која започнува овој викенд.

-Сите што ме познаваат знаат дека ова не беше лесна одлука за мене. Физички се чувствувам многу добро и би можел да играм и на Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико. Но, во исто време, убеден сум дека ова е вистинскиот момент да се повлечам и целосно да му се посветам на Баерн во иднина, изјави Нојер.

Голманот прв го известил селекторот Јулијан Нагелсман за неговата одлука во средата наутро во „доверлив  разговор“.

-Поминав одлични моменти во репрезентацијата кои ме обликуваа и на кои сум горд. Победата на Светското првенство во 2014 година, но и одличната атмосфера на ЕП на домашен терен оваа година се најубавите моменти за кои сум исклучително благодарен. Беше голема чест да се биде капитен на нашиот тим. Секогаш сакав да го носам дресот на германската репрезентација, изјави Нојер, кој како капитен водеше на 61 натпревар. За репрезентацијата одигра вкупно 117 натпревари. дс

Фото: Архива

Остани поврзан