• вторник, 24 декември 2024

Нов закон за безбедност во Хонг Конг

Нов закон за безбедност во Хонг Конг

Хонг Конг, 19 март 2024 (МИА)  - Законодавниот совет на Хонг Конг денеска едногласно усвои нов закон за национална безбедност со кој, меѓу другото, се воведуваат казни за политички злосторства како предавство и бунт.

Законот, кој е познат како член 23, им дава на властите поголеми овластувања кога станува збор за потиснување на противењето на Пекинг и владата на Хонг Конг, пишува Њујорк тајмс.

Се наведува дека термините како предавство и бунт не се прецизно дефинирани во законот. Покрај тоа, законот ги таргетира и кривичните дела, како што се „надворешно мешање“ и кражба на државни тајни, кои создаваат потенцијални ризици за мултинационалните компании и меѓународните организации кои работат во Хонг Конг, пишува весникот.

Меѓу другото, законот воведува можност полицијата да бара дозвола од судијата да ги спречи осомничените да се консултираат со адвокати по свој избор, доколку властите сметаат дека тоа е закана за националната безбедност. Кога Хонг Конг, поранешна британска колонија, беше вратен под кинеска власт во 1997 година, тој доби свој „мини-устав“ наменет за заштита на граѓанските слободи, како што се слободата на изразување, собирања и медиуми.

Сепак, властите во Пекинг инсистираа на усвојување на член 23. Првите обиди за донесување таков закон, во 2003 година, доведоа до масовни протести на кои учествуваа стотици илјади луѓе. Врвните функционери поднесоа оставки, а во годините што следеа градските лидери не сакаа повторно да го покренат ова прашање поради страв од реакции на јавноста, пишува американскиот весник.

Сепак, во последниве месеци, кинеската Комунистичка партија ја повика владата во Хонг Конг да го усвои законот, а лидерот на Хонг Конг Џон Ли, кој беше избран во мај 2022 година и ја има поддршката од Пекинг, рече дека законот е потребен за да се смират немирите и за борба против, како што се наведува, шпионските напори на западните разузнавачки агенции. Новите прописи се очекува да стапат на сила на 23 март. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан