• вторник, 24 декември 2024

Ново разгорување во пожарот на Пелопонез, порака за евакуација на жителите на три населени места

Ново разгорување во пожарот на Пелопонез, порака за евакуација на жителите на три населени места

Атина, 30 септември 2024 (МИА) – Ново разгорување имаше претпладнево во пожарот во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, а преку бројот за итни случаи 112 беа испратени две различни пораки до сите оние кои се во близина на три населени места да се евакуираат, јави дописничката на МИА од Атина.

Од рано утрово засилени се противпожарните сили што интервенираат во пожарот што е активен веќе 24 часа, а животот го загубија двајца мажи на возраст од 35 и 40 години.

Според грчките медиуми, на мажите им се загубила трагата откако тргнале да му помогнат на пријател во пожарот, а рано утрово биле пронајдени две јагленосани тела и веројатно се работи за исчезнатите, меѓутоа ќе следи и процес на идентификување.

Министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција Василис Кикиљас преку социјалните мрежи изрази сочувство до семејствата на двајцата загинати и апелираше до граѓаните да ги почитуваат пораките од бројот 112 и да ги следат упатствата на пожарникарите и полицијата.

-Шумските пожари се исклучително опасни не само за имотите, туку и за животите на луѓето, напиша Кикиљас.

Пожарот е во северниот дел на полуостровот Пелопонез во близина на градот Ксилокастро меѓу Коринт и Патра.

Интервенираат над 350 пожарникари со 15 пешадиски тима, 110 возила, како и седум авиони и 11 хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините. ср/сд/

Остани поврзан