• вторник, 25 март 2025

Новото раководство на друштвото „Дибра“ на дебрани во САД ја пoтврдува определбата за поддршка на родниот крај

Новото раководство на друштвото „Дибра“ на дебрани во САД ја пoтврдува определбата за поддршка на родниот крај

Дебар, 25 март 2025 (МИА) - Новото раководство на татковинското друштво „Дибра“ на дебрани во САД, на виртуелната средба со градоначакникот на Дебар, Хекуран Дука, jа потврдило определбата за продолжување на соработката и поддршката за родниот крај.

-Одржавме виртуелна средба со новите членови на раководството на татковинското друштво „Дибра“ во САД, на која разговаравме за заедничките цели и проекти за соработка во различни области, како што се спортот, културата и помошта на оние на кои им е потребна во родниот крај, информираше градоначалникот Дука.

Додаде дека во иднина, конкретизирањето и координацијата на овие активности ќе продолжи преку вакви состанови но директни средби, со цел зајакнување на соработката и спроведување иницијативи кои се корисни за заедницата.

Новото раководство на друштвото беше избрано во октомври минатата година а нов претседател е Хаким Буџаку, роден во САД, чии родители, се иселиле од Дебар пред повеќе од три децении.

Тој дојде на местото на Дашнор Мифтари, кој меѓу другото оцени дека дале голем придонес во активностите меѓу дебарската заедница во Америка, како и во родниот Дебар и оти наспроти празната каса која ја затекнале, на новото раководство му оставаат буџет од речиси 95.000 долари.

Друштвото „Дибра“ е основано во 90-ти години од минатиот век, кога почнала помасовната миграција на дебрани кон САД а она што посебно треба да се истакне е фактот што оваа асоцијација за првпат ќе ја раководи втората генерација на дебрани во Америка.

Во изминатиот период друштвото редовно помага, со финансиски средства за подобрување на патната инфраструктура, изградба на куќи за семејства во социјален ризик, за лекување, за функционирање на спасувачи на вода на Дебарско Езеро, голема помош донираа за време на пандемијата Ковид-19, помагаат секогаш кога за тоа има потреба. вт/

Фото: Општина Дебар

Остани поврзан