Новогодишни пакетчиња за децата од Голо Брдо од македонски активисти
- Претседателот на друштвото „Преспа“ и поборник за правата на Македонците во Албанија Едмонд Темелко и претседателката на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ Елена Симонофски денеска посетија неколку села во областа Голо Брдо и ги израдуваа најмладите со новогодишни пакетчиња.
Дебар, 26 декември 2025 (МИА) - Претседателот на друштвото „Преспа“ и поборник за правата на Македонците во Албанија Едмонд Темелко и претседателката на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ Елена Симонофски денеска посетија неколку села во областа Голо Брдо и ги израдуваа најмладите со новогодишни пакетчиња.
Темелко не го крие задоволството од, како што вели, реализираната заедничка цел „да внесеме радост и насмевки кај најмладите Македончиња за време на празниците“.
-Посетата имаше за цел да ги израдуваме нашите дечиња пред новогодишните празници. Во топла и срдечна атмосфера, децата добија пакетчиња кои внесеа многу среќа во нивните срца. На радоста на децата и немаше крај, а нивната насмевка за нас беше најголемиот поттик да продолжиме со вакви и слични активности, со кои Македонците во оваа област ќе почувствуваат дека не се заборавени, рече за МИА Темелко.
Децата ги дочекале и се заблагодариле со пеење македонски песни.
-Долго време бугарската пропаганда се обидува да го замолчи македонскиот глас во областа. Но денес, токму таму, децата со чиста радост и искрени зборови ни покажаа дека духот не се гаси лесно. Делевме пакетчиња, но добивме многу повеќе, надеж, емоции и потврда дека љубовта кон татковината живее длабоко и во најмладите. Македонскиот идентитет е силен, дури и таму каде што најмногу го негирале, посочи Темелко.
Според него, деновиве биле во општина Пустец, каде исто така распределиле новогодишни пакетчиња. вт/мд/
Фото: Друштво „Преспа