• понеделник, 13 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Нови претреси во рамки на истрагата за перење пари против екс-еврокомесарот Рејндерс 

Нови претреси во рамки на истрагата за перење пари против екс-еврокомесарот Рејндерс 

Брисел, 15 јули 2025 (МИА) - Белгиските власти извршија претреси на неколку локации во рамки на истрагата за перење пари против поранешниот министер во повеќе влади на Белгија и еврокомесар за правда Дидие Рејндерс. 

Рејндерс е под истрага врз основа на сомнежите дека „испрал“ пари со сомнително потекло, на тој начини што најчесто во готово купувал т.н. „е-билети“ за игри на среќа, чија вредност е помеѓу 1 и 100 евра и може да се набават на многу продажни места ширум Белгија, и потоа средствата од тие ваучери што легнувале на сметката намената за игри на среќа, биле префрлани на неговата лична трансакциска сметка. Според истражните органи, „сомнителни активности“ на Рејндерс започнале уште во времето кога бил белгиски министер и траеле до 2023 година.   

Истрагата за овој случај беше обелоденета на почетокот на декември минатата година, само неколку дена откако Рејндерс ја напушти должноста еврокомесар, кога полицијата изврши претрес во неговиот дом во Брисел и во куќа во негова сопственост во местото Висул, што се наоѓа помеѓу градовите Лиеж и Намур. Рејндерс тогаш беше сослушан од полицијата во врска со случајот, но не беше лишен од слобода.   

Властите започнале со истрагата откако биле утврдени „сомнителни трансакции на релативно големи сума“ пари на сметката на Рејндерс во „текот на подолг период“.  

На барање на белгиското Јавно обвинителство, за „случајот Рејндерс“ одвоени извештаи подготвиле Националната лотарија и Централната единица за финансиски истраги (ЦФИ). Според извештајот на Националната лотарија, како што наведува весникот „Њузблад“, Рејндерс наводно „испрал“ околу 200.000 евра преку „е-билетите“ за игри на среќа во период од пет години. Извештајот на ЦФИ, пак, посочува дека на овој начин за околу десет години на сметката на Рејндерс легнале приближно 800.000 евра сомнителни средства. 

За време на сослушувањето Рејндерс изјавил дека овие пари потекнуваат од „трговија со антиквитети“. Поради ова полицијата извршила претреси во домот трговецот со антиквитети Оливие Тенисен и во неговата антикварница во Брисел. Тенисен до пред неколку месеци бил судија во Трговскиот суд во Брисел, како и потпретседател на Кралската комора на антикварници и трговци со уметнички дела на Белгија. 

Претрес е извршен во домот на Жан-Клод Фонтиноа близу Намур. Фонтиноа, кој е поранешен претседател на Одборот на директори на белгиската национална железница СНЦ и важи за човек од доверба на Рејндерс, наводно „речиси секојдневно“ купувал уметнички дела и антиквитети и тоа најчесто во антикварницата на Тенисен. 

Рејндерс во 1999 година беше избран за белгиски министер за финансии, функција на која остана до 2011-та, кога ја презеде должноста шеф на дипломатијата што ја вршеше се до неговиот избор за еврокомесар во 2019 година. Дополнително од 2018 до 2019, тој беше и министер за одбрана на Белгија. Во периодот од 2007 до 2011 година, како министер за финансии, Рејндерс бил задолжен и за раководење со белгиската Национална лотарија, но според веникот „Соар“, делата за кои се сомничи биле извршени по овој период.  

Експертот за даночен систем и универзитетски професор Мишел Мо во декември за Радио 1 изјави дека „е-картичките“ за игри на среќа често се користат за перење пари.  

- Првото поглавје од курсот по „перење пари за почетници“ пропишува дека секој кој сака да испере „црни пари“ мора да им обезбеди легитимно потекло, изјави Мо, нагласувајќи дека банките подлежат на правила за перење пари и мора да го проверат потеклото на парите што се појавуваат на сметката на граѓаните, но дека тоа не важи и за лотариите.  

Според Мо, оваа техника опфаќа делење на големи суми пари на помали износи, со цел префрлањето на средствата да не паѓа во очи, но ако се изврши проверка на трансакциите во подолг временски период може да се утврди дали постои нешто сомнително во целата постапка.  

Истрагата против Рејндерс за овој случај започнала уште во 2023 година, но таа се држела во тајност се додека тој не ја напушти функцијата еврокомесар на 1 декември 2024 година. 

Рејндерс се уште има имунитет и не може да биде лишен од слобода или судски гонет, но тоа не го спречува Обвинителството да покренува истраги против него. Доколку реши да започне правна постапка против Рејндерс, Обвинителството сепак ќе мора да побара од белгискиот Парламент да му го укине имунитетот. сп/ сд/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан