• недела, 16 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Новите министри во грчката Влада положија свечена заклетва

Новите министри во грчката Влада положија свечена заклетва

Атина, 15 март 2025 (МИА) – Новите министри и заменици-министри во грчката Влада, по вчерашната реконструкција што ја направи премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, претпладнево положија свечена религиозна заклетва во Претседателската палата, по што ќе се одржи и првата седница на новиот владин состав, јави дописничката на МИА од Атина.

Свечената заклетва беше пред претседателот на Грција Константинос Тасулас, кој во четвртокот ја презеде функцијата и во присуство на грчкиот премиер.

По завршувањето на церемонијата, закажана е владина седница со новиот состав, а веднаш потоа во министерствата каде што имаше промени ќе се одржи и примопредавање на функциите.

Грчкиот премиер вчера направи реконструкција на Владата и промени во неколку министерства, меѓу кои и оние за национална економија и финансии, за инфраструктура и транспорт, за животна средина и енергетика, миграција и азил, за социјална кохезија и семејство, поморство, цивилна заштита и климатски кризи, како и на неколку заменик-министерски места.

Непроменети на нивните позиции остануваат министрите за надворешни работи, за одбрана, за внатрешни работи, за заштита на граѓаните, за здравство, за правда, за култура, за развој, за поморство, за туризам, за дигитално управување.

Реконструкцијата на Владата е по масовните протести што пред две седмици се одржаа во Атина и низ цела Грција на двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, како и по доставениот предлог од опозицијата за гласање на доверба на Владата, барање што не доби зелено светло од Парламентот.

Последната реконструкција на Владата беше на 14 јуни минатата година по европските избори.

Владата на Нова демократија е речиси на половина од вториот мандат, откако по победата на изборите во јуни 2023 година со 40,6 отсто, доби доволен број пратеници за формирање еднопартиска Влада, а грчкиот премиер континуирано посочува дека следните избори ќе бидат во 2027 година на крајот на мандатот, отфрлајќи секакви сценарија за предвремени избори во земјата. ср/ссм/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан