• сабота, 06 декември 2025

Нова теретана на отворено во „Парк на франкофонија“

Нова теретана на отворено во „Парк на франкофонија“

Скопје, 17 септември 2025 (МИА) - На барање на жителите, Општина Центар постави теретана на отворено во „Парк на франкофонија“, создавајќи современо катче за здрав и активен живот. Фитнес - зоната располага со 17 справи, наменети за вежбање и развивање на сите мускулни групи. Во склоп на теретаната има клупи за стомачни, висечки и паралелни шипки, вертикална решетка, боксерска вреќа и друго, информираа денеска од локалната самоуправа.

Според градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, новата теретана е совршено место за вежбање и рекреација.

- Ваквите простори нудат тренинг на свеж воздух без потреба од членство или дополнителни трошоци. Верувам дека рекреативците и љубителите на спортот, од сите возрасти, ќе уживаат вежбајќи во преубавиот зелен амбиент на паркот, смета Герасимовски.

Општина Центар најави деновиве да биде поставена и вештачка трева, што обезбедува удобна и безбедна површина за вежбање.

- Опремата е изработена од висококвалитетен материјал со заштитен премаз и прашкаста боја, што гарантира издржливост и отпорност на влага и атмосферски влијанија, појаснија од локалната самоуправа.

Истакнаа дека просторот за вежбање е реализиран по предлог на граѓаните, во рамки на „Маалските средби“ организирани од локалната самоуправа, а во согласност со општинските приоритети за промовирање спорт и здрав начин на живот. бд/са/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан