• среда, 25 декември 2024

Нова опрема во Поликлиника Чаир  

Нова опрема во Поликлиника Чаир  

Скопје, 29 декември 2023 (МИА) - Поликлиниката Чаир од денеска има пет нови дигитални ЕХО колор доплер апарати. Во посета на оваа јавно-здравствена установа беше министерот за здравство Фатмир Меџити кој истакна дека станува збор за инвестиција од Здравствениот дом Скопје.

-Едниот ЕХО колор доплер апарат е поставен во кабинетот за дојка во Поликлиниката Чаир, а вториот е планиран за одделот по интерна медицина којшто ќе биде со кардиолошка сонда, рече Меџити.  

Тој информираше дека во Поликлиниката, стариот апарат за гастроскопија е заменет со нов современ гастроскоп. Во тек е подготовка на нов кабинет за ортопедија што ќе ги покрие потребите од ваквите здравствени услуги во овој дел од градот Скопје. Покрај ова, тука е поставен и нов генератор за производство на електрична енергија. 

Меџити соопшти дека во изминатиот месец е инсталиран и комплетно имплементиран пакс систем во сите рентген кабинети во Здравствен дом Скопје. Со ова, како што нагласи, е овозможен полесен пристап на сите лекари радиолози, до рентген дијагностики што се изведуваат тука.

-Како Министерството за здравство сме силно посветени кон подобрување на условите во јавното здравство преку набавка на нова опрема, реконструкции и вложување во човечкиот капитал. Во текот на месец септември реализирани се 42 нови вработувања во Здравствениот дом Скопје. Од нив, 22 доктори на медицина се вработени во Службата за итна медицинска помош, подвлече министерот.

Годинава, истакна Меџити, направени се позитивни промени во здравствениот систем. 

- Продолжуваме и во следниот период да вложуваме во здравствените работници и да се грижиме за нашите пациенти, додаде министерот за здравство. бд/ев/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан