• петок, 05 декември 2025

Нова мрежа на фекална канализација вредна 59.830.813 денари добива Јурумлери

Нова мрежа на фекална канализација вредна 59.830.813 денари добива Јурумлери

Скопје, 11 јуни 2025 (МИА) - Во тек е изградба на нова мрежа на фекална канализација во должина од 4.071 метар, со вкупна вредност од 59.830.813 денари. Овој проект директно ќе придонесе за подобрување на животната средина, хигиената и квалитетот на живот на жителите на Јурумлери. Ова беше истакнато при денешниот увид во градежните активности за изградбата на фекалната вакумска канализација од страна на министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

- Денеска со голема гордост ја најавуваме и новата фаза од овој капитален проект - нова инвестиција со вкупна вредност од 148.000.000 денари. Ова е уште една потврда дека ветувањата што ги дадовме пред граѓаните, чекор по чекор, ги исполнуваме, рече градоначалникот Стефковски во изјава за медиумите.

На настанот беше посочено дека во секое населено место во Гази Баба се реализираат проекти од инфраструктура, преку канализациони и водоводни мрежи, па сè до уредување на јавниот простор. Целта е, беше истакнато, секој да почувствува дека институциите работат во негова полза.

- Поддршката што ја добиваме преку Министерството за локална самоуправа и останатите институции е двигател за реализација на проекти што се од суштинско значење за локалниот развој, подвлече Стефковски.

Министерот Перински рече дека продолжува владината поддршка на општините за обезбедување еднакви можности за сите луѓе. 

- Интензивно се гради вакумската фекална канализација во Јурумлери, што влегува во втората фаза од изведбата, за што Општината аплицираше на вториот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, појасни министерот.

Тој истакна дека првата фаза е целосно финансирана од општинскиот буџет, за втората фаза и за комплетно затворање и реализација на овој проект, преку вториот владин јавен повик, тие како централна власт, ќе одвоеле близу 150 милиони денари.

Перински подвлече дека не отстапуваат од заложбата да создадат услови за подобар живот за сите.

- Дополнително, преку Бирото за регионален развој, ќе поддржиме 47 проекти што ќе се реализираат во сите региони во државата, најави Перински. 

Во насока на локален развој, како што истакна Перински, Министерството за локална самоуправа, преку Програмата за намалување на диспаритети, потпиша нови 38 договори за нови проекти во висина од околу 88 милиони денари, а минатата недела, на седница на Советот за рамномерен регионален развој, донесена е предлог-одлука за поддршка на 47 проекти, за кои ќе се издвојат 116 милиони денари, кои ќе се реализираат во сите региони во државата. бд/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан