• петок, 05 декември 2025

Николоски: Николиќ ќе добие нов лик со подобрено електрично снабдување, нова патека и уредена плажа

Николоски: Николиќ ќе добие нов лик со подобрено електрично снабдување, нова патека и уредена плажа

Скопје, 27 октомври 2025 (МИА) – Министерот за транспорт и потпретседател на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вечерва го посети населеното место Николиќ на брегот на Дојранското Езеро, каде разговараше со жителите за потребните инфраструктурни проекти кои што треба да се реализираат во овој регион.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека Николоски како прв приоритет го посочил правилното снабдување со електрична енергија, со оглед на растот на населбата и зголемениот број на нови куќи и викендици.

Вториот проект којшто го посочил Николоски е изградба на осветлена пешачка патека, која ќе води од Николиќ до плажата и ќе претставува нова туристичка атракција. Третата активност, пак, се однесува на уредување на плажата, која ќе добие концесионер со обврска да ја уреди и да ја претвори во атрактивна туристичка дестинација.

–Најбитно е правилно снабдување со електрична енергија, имајќи предвид дека Николиќ се шири, расте со многу нови куќи, многу нови викендици, потребно е овој проблем да се реши и ќе разговараме со сите соодветни институции. Второто е изградба на патека којашто ќе е осветлена соодветно со канделабри, која што ќе е туристичка атракција, која што ќе води од Николиќ до плажата на Николиќ и трето е уредување на плажата којашто ќе добие концесионер кој ќе има обврска убаво да ја уреди и да стане една нова туристичка атракција, вели Николовки.

Министерот исто така најави изградба на културен дом за слободно време на жителите и подобрување на условите за претшколско згрижување, односно како на полесен начин родителите да можат да ги носат своите деца во градинка.

– Убеден сум дека Илија ќе биде новиот градоначалник на Дојран и дека заеднички ќе можеме да ги реализираме овие проекти. Владата стои позади него за решавање на сите активности за кои зборувавме, изјави Николовски. ра/нд/

Фото: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан