• сабота, 23 ноември 2024

Николовски – Азески: Договорени редовни консултации за поголема конкурентност на домашната економија

Николовски – Азески: Договорени редовни консултации за поголема конкурентност на домашната економија

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Унапредување на соработката со бизнис заедницата преку редовни консултации и заеднички настани, што треба да резултира со зголемување на конкурентноста на македонската економија, е договорено на средбата на директорот на Царинска управа Бобан Николовски и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески.

Како што информира Царинската управа, ваквиот начин на соработка ќе биде дефиниран преку нов меморандум за соработка ѓто ќе ја содржи новата рамка за унапредување и развој на царинско-деловните партнерства.

На средбата двете страни беа согласни дека на овој начин ќе се овозможи доследност, усогласеност, предвидливост и ефикасност на царинските и деловните процеси.

-Унапредување на односите е многу важно за зголемување на перформансите на бизнис заедницата, а со тоа и за економска трансформација на државата како клучен приоритет на Владата, потенцира Николовски.

Според него, ваквото ниво на соработка е неопходно, при што двете страни ќе работат на воспоставување процес на редовни консултации и партнерство со бизнис заедницата.

-Стопанската комора ја поддржува и охрабрува Царинската управа да го унапредува царинското работење со воведување на нови дигитални услуги и решенија и осовременување на опремата особено на граничните премини, зашто тоа истовремено ќе значи олеснување и забрзување на постапките и поддршка за извозните компании за зголемување на нивната ефикасност и конкурентност, рече Азески. мч/цр

фото: Царинска управа

Остани поврзан