• понеделник, 23 декември 2024

Николовски: За Свети Трифун лозарите на сметките да ги очекуваат дополнителните субвенции

Николовски: За Свети Трифун лозарите на сметките да ги очекуваат дополнителните субвенции

Кавадарци, 2 февруари 2024 (МИА) - Пред големиот празник и заштитник на лозарите, Свети  Трифун, до сметките на сите лозари ќе бидат исплатени и дополнителните субвенции за 2023 година, како и поддршката кон лозарите за претрпени штети по лозовите насади, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешната средба со земјоделците и лозарите од Кавадарци и Тиквешијата.

– Лозарите во 2023 година добија 30 отсто или 12.000 денари, авансна исплата за ланските субвенции. Традиционално, на празникот Свети Трифун лозарите ќе ги добијат и преостанатите дополнителни субвенции или 28.000 денари, а на истиот празник ќе бидат исплатени и 12.000 денари по хектар дополнителна поддршка за претрпени штети по лозовите насади, без селекција, и за производителите на винско и трпезно грозје, истакна министерот Николовски.

Тој информираше дека дополнителната мерка, креирана од Министерството во 2023 година, од 1 денар по килограм за предадено винско грозје, за лозарите ќе биде исплатена по целосното завршување со исплатата на основните субвенции.

Николовски на средбата, на која присуствуваа и државниот советник за рурален развој Трајан Димовски, како и пратениците Панчо Минов, Даниела Колева и Лолита Ристова, посочи дека 2023 година беше година на нови можности во македонското земјоделство.

– Во 2023 година стартуваше новиот модел за субвенционирање. И тогаш, кога овде пред вас го презентиравме, реков дека овој нов модел ќе биде поефикасен, побрз со поддршка за секој вистински земјоделец. И тоа се случи. Како ниту една година претходно, субвенциите за 2022 година беа во целост исплатени кон сите земјоделци уште пред законскиот рок. Првпат во истата година земјоделците добија авансна исплата на основните субвенции за тековната година. Ова може секој од вас да го потврди, бидејќи тие средства дошле и до вашите сметки, рече Николовски.

Тој додаде дека за Министерство, од стратешка важност е лозарството и винскиот сектор, чиј извоз позитивно влијае и во јакнење на домашната економија. свд/ир

Фото: МЗШВ

Остани поврзан