• четврток, 26 декември 2024

Нигер и Украина главни теми на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ

Нигер и Украина главни теми на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ

Брисел, 31 август 2023 (МИА) - Ситуацијата во регионот на Сахел, пред се во Нигер, како и руската агресија врз Украина и мировната иницијатива предложена од Киев, ќе бидат главни теми на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, што ќе се одржи во шпанскиот град Толедо.

Домаќин на состанокот, со кој ќе претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, ќе биде шпанскиот министер за надворешни работи, Европската Унија и соработка, Хозе Мануел Албарес, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Борел вчера на прес-конференцијата по неформалниот состанок на министерите за одбрана на ЕУ, што исто така се одржа во Толедо, најави дека на денешната средба шефовите на дипломатиите за земјите членки ќе се разговара за планот што го подготвува Унијата за воведување санкции за членовите на хунтата во Нигер, која беше формирана по минатомесечниот воен удар во оваа африканска земја.

Тој најави дека на денешниот состанок ќе предложи изработка на правна рамка за воведување санкции за одговорните за пучот во Нигер, при што ЕУ ќе се обиде да ги преслика мерките преземени од Економска организација на западноафриканските држави (ЕКОВАС).

Според Борел, на денешниот состанок ќе се разговара и за планот на ЕК за формирање Фонд за догорочна финансиска поддршка на Украина за периодот од 2024 до 2027 година, преку кои на земјата би и се обезбедиле по пет милијарди евра помош годишно.

Неформалните состаноци на министрите на ЕУ се собири на кои не се носат никави одлуки, туку само се раговара за одредени теми и се разменуваат мислења и гледишта врз основа на кои потоа се изработуваат предлог-решенија кои се усвојуваат на формални министерски заседанија. сп/

Фото: ЕУ

Остани поврзан