• среда, 27 ноември 2024

Немоќен малолетник од Струмичко пронајден во Струга, ќе биде предаден на семејството

Немоќен малолетник од Струмичко пронајден во Струга, ќе биде предаден на семејството

Струга, 17 ноември 2023 (МИА) - Малолетник со здравствен проблем, од струмичкото село Банско доцна синоќа сам бил затекнат во близина на маркет во Струга.

СВР Охрид денеска соопшти дека лицето е згрижено и остварен бил контакт со неговите родители.

- Во ОВР Струга синоќа во 22 часот и 10 минути е пријавено дека, пред маркет лоциран на улицата „Ристо Крле“ во Струга, затекнато е малолетно немоќно глувонемо лице. По известување до јавен обвинител и Центар за социјални работи, лицето е згрижено, преземени се мерки и констатирано е дека се работи за 17-годишен малолетник од струмичкото село Банско. Остварен е контакт со неговите родители Т.М. и Ш.М. од истото село и малолетникот денеска, ќе биде вратен во неговиот дом, информира портпаролот Стефан Димоски.

По целосно документирање на настанот, додаде, против родителите ќе биде поднесена кривична пријава по член 200 од Кривичниот законик „напуштање немоќно дете“.

Директорот на Центарот за социјални работи во Струга Мевмед Халили за МИА информира дека во координација со Струмичкиот центар денеска лицето ќе биде предадено на неговото семејство. сс/мд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан