Нема напредок во обновувањето на примирјето во Појасот Газа, тврдат египетски и палестински извори
- Последната рунда преговори во Каиро за обновување на примирјето во Газа и ослободување на израелските заложници заврши без напредок, соопштија денеска палестински и египетски извори.

Каиро, 14 април 2025 (МИА) - Последната рунда преговори во Каиро за обновување на примирјето во Газа и ослободување на израелските заложници заврши без напредок, соопштија денеска палестински и египетски извори.
Изворите рекоа дека Хамас останува на ставот дека секој договор мора да доведе до крај на војната во Газа, додека израелските власти наведуваат дека нема да ја прекинат војната во палестинската енклава додека Хамас не биде искоренет.
Милитантната група отфрли каков било предлог да го остави оружјето, но изворите сепак рекоа дека делегацијата на Хамас, предводена од шефот на групата во Газа, Халил Ал-Хаја, покажала одредена флексибилност околу тоа колку заложници би можела да ослободи во замена за палестинските затвореници што ги држи Израел доколку се продолжи примирјето.
Египетски извор изјави дека последниот предлог за продолжување на прекинот на огнот ќе му овозможи на Хамас да ослободи повеќе заложници.
Израелскиот министер Зеев Елкин, член на безбедносниот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху, денеска изјави за армиското радио дека Израел бара ослободување на околу 10 заложници, во споредба со претходното барање за ослободување на петмина.
Хамас побара повеќе време да одговори на последниот предлог, изјави египетски извор. „Хамас нема проблем со тоа, но сака гаранции дека Израел ќе се согласи да започне преговори за втората фаза од договорот за прекин на огнот што ќе доведе до крај на војната“, изјави египетскиот извор.
Водачите на двете арапски земји кои ги водеа напорите за посредување за прекин на огнот, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани, се состанаа во неделата во Доха. Египетски извор рече дека Ал Сиси повикал на дополнителни меѓународни гаранции за договорот за прмирје, покрај оние што ги обезбедуваат Египет и Катар.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја поддржа одлуката на Израел да продолжи со воената кампања и го повика палестинското население во Газа да ја напушти територијата, минатата недела изјави дека е постигнат напредок во разговорите за враќање на заложниците. Милитантите на Хамас ослободија 33 израелски заложници во замена за стотици палестински затвореници за време на шестнеделната прва фаза од прекинот на огнот, кој започна во јануари. Но, втората фаза, која требаше да започне на почетокот на март и да доведе до крајот на војната, не започна, а наместо тоа Израел продолжи со нападите врз Палестинците во енклавата. паг/
Фото: МИА архива